И со втор состав, Словенија убедливо подобра од Македонија

Ни двоцифрениот број отсутни стандардни репрезентативци не ѝ попречија на ракометната селекција на Словенија да ја совлада Македонија пред 7.000 домашни навивачи среде Скопје, и тоа со убедливи 32:26, во третото коло од квалификациите за Европското првенство 2026 во Данска, Норвешка и Шведска.



Победничкиот хет-трик, практично, уште отсега на „змајчеки“ им обезбеди пласман на ЕП, со оглед на тоа дека и четирите најдобри третопласирани во квалификациите ќе изборат учество, а избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе мораат по потешкиот пат во преостанатите три кола.

Прво, во реваншот со Словенците в недела од 18:30 часот во Копер, а потоа и на 8 мај со Естонија во Калев и три дена подоцна со Литванија во Скопје, ќе мора да освојат најмалку четири бода, плус да слават над Литванците со повеќе од два гола разлика.

На половина од квалификациите Словенија води во групата 1 со 6 бода, пред Литванија со 4, Македонија со 2 и Естонија без бодови.

Сè што е вредно за споменување од „црвено-жолтите“ на овој меч се првите 17 минути, во кои поведоа со 11:5, на полувреме заминаа со предност од 16:15, по што го поништија одличниот впечаток и од првата четвртина на средбата, и од неодамнешното Светско првенство, кога го освоија 15. место.

Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен во поразениот тим со 10 гола од 12 удари, Марко Митев заврши со 5/9, а Жарко Пешевски со 4/6.