Како што најави, денеска кандидатура за претседател на СДСМ поднесе и досегашната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска.



Доколку стане лидер на партијата, Петровска најави обединување на членството, дискусии и дебати за сите политички збиднувања во земјата, како и анализа на причините за поразите кои ги доживеа СДСМ на овие избори, исто како и на локалните избори во 2021 година.

„ Ниедна причина за овој пораз кој сега го доживеавме не смее да остане скриена и не смее да остане да виси, да лебди некаде. Тоа, за жал, ни се случи во 2021 година. Тогаш се сметаше дека само со повикувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очигледно дека требала некоја посериозна реформа и подлабински промени. Мислам дека овој пат таа лекција е научена, барем од моја страна, и токму затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на СДСМ“, рече Петровска како што пренесува „Плусинфо“.

Таа се одлучила за кандидатура по долги советувања со, како што рече, поискусните од неа и по 24 години активно членство.

„Не би ги злоупотребувала имињата, но можам да кажам дека имав разговори во изминатиот период. Барав совети, што за мене е својствено и никогаш не се срамам да кажам дека барам совети од поискусните и помудрите од мене“, изјави Петровска.

Таа заедно со кандидатурата ја поднела и програмата за работа во форма на Манифест на социјалдемократијата во која, според неа, наведува кои треба да бидат итни приоритети на новото раководство на СДСМ по големиот пораз што го доживеавме на овие избори.

Освен Петровска, во трка за лидер на СДСМ по двата последователни изборни порази, засега се Венко Филипче и Јован Деспотовски.