Извршниот одбор на движењото ЗНАМ – За наша Македонија, донесе одлука да му предложи на првиот конгрес кандидат за претседател на Македонија од редовите на ЗНАМ да биде Максим Димитриевски.



„На Македонија ѝ е потребен татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата. На Македонија ѝ е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда, иднина. На Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе го даде максимумот за неа. На Македонија ѝ е потребен Максим Димитриевски“, изјави денеска партискиот портпарол Никола Мемов.

Од утре, според Мемов почнува постапката за собирање потписи.

Мемов вели дека  граѓаните првпат ќе имаат можност да гласаат за одредена опција, а не како досега, да гласаат против.

„Очекуваме победа. Нашата анализа покажува дека Димитриевски ќе влезе во вториот круг, за потоа да имаме и конечна победа. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат кандидатурата на Димитриевски во општинските канцеларии на ДИК – нагласи Мемов.