По неколкудневно молчење и шпекулации, потпретседателот на Владата и висок функционер на Алијанса за Албанците, Арбен Фетаи, со видео порака го соопшти својот став против напуштањето на Владата што го иницира лидерот и сега веќе ексминистер за здравство Арбен Таравари.
„Членството зборува. Граѓаните зборуваат – гласно, јасно, со барање за правда и чиста насока. Ви велам денес, со целосна убеденост: Јас сум тука, на страната на секој што не го прифаќа понижувачкото предавство на нашата надеж. Нема да дозволиме ДУИ да се врати како ништо да не се случило. Мора да се соочат со вистините што ги избегнуваат веќе две децении. Ова не е за поединецот – тука се работи за нашето заедничко достоинство. Мојот глас е вашиот глас. Гласот на Алијансата што не се предава, не се продава и не се плаши. Ние сме гласот на патот на Арбен. А тој пат никогаш не води преку Али Ахмети, ниту преку никого што не им мисли добро на Албанците“, порача Фетаи.
Раздружувањето со Таравари од Фетаи се надоврза на оставката на пратеникот Салим Сулејмани, чие место во Собранието ќе го заземе пратеничка од БЕСА, со што обидот да се разводни „Вреди“ во владината коалиција доживеа уште еден удар.






