Тет-а-тет преговорите со банките за условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем продолжуваат и викендов. Се прават последните анализи да се додефинираат работите околу каматата по која стопанството ќе ги добие парите, изјави Гордана Димитриеска Кочоска. Појасни дека се чека конечен одговор за каматата што ќе биде понизок од 3,25%, додека рокот останува и оти голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.
– Во однос на каматната стапка, секоја од нив имаше свои предлози. Ги замолив денеска да се договорат и дадат конечен предлог што ќе биде понизок од 3,25 проценти, изјави Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на настанот „Фискалната политика на крстопат: Патот кон стабилност и одржливи јавни финансии“, во организација на Фискалниот Совет на Македонија и Finance Think.

Прашана колку точно ќе платат компаниите кон банките, Кочоска, повтори дека тоа ќе го кажат банките кога конечно ќе ги пласираат средствата.
– Да оставиме денеска да се договорат, затоа што ви кажувам имаше банки кои што предлагаа одреден ранг. Јас сега што и да кажам е несериозно, изјави Кочоска.
Секоја компанија, посочи Кочоска, ќе може да отиде кај банка каде што сака и ако и биде одобрено, Развојната банка потоа ќе трансферира пари до таа одредена банка. Кочоска, исто така, нагласи дека немале проблем со банките, односно дека проблем бил начинот на кој ќе се дефинира рокот и ништо повеќе од тоа.

Кога економијата е во подем, државата мора да штеди за добра економска година велат од Фајнен тинк. Без структурни реформи не може да очекуваме економски раст поголем од 2,5%. Според економистите, ние имаме сериозен проблем со институциите во делот на разбирање на финансиите. Мора повеќе да се работи и да се внимава како се трошат јавните пари, алармира академик Абдулмеф Беџети. Додека се очекува заживување на економијата, Владата најави субвенционирање на каматата за заемот од Унгарија, но побара од банките да учествуваат во тоа.





