Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги објасни албанските црвени линии во врска со можната промена на името. Вели дека Албанската заедница отсекогаш била заинтересирана тој проблем да се реши, но дека Албанците се внимателни имајќи ги предвид чувствата на Македонците. Сепак не им е сеедно бидејќи ова е и нивна држава.



„За Албанците единствено неприфатливо име е ‘Словенска’ или ‘Национална’ Македонија, бидејќи и ние сме дел од неа со историја и култура“, рече Ахмети во интервју на телевизијата Алсат-М.

Покрај тоа, Ахмети е категоричен дека за да има прифатливо решение треба да се согласи и опозицијатаа не може да се исклучи и претседателот Ѓорѓе Иванов.

„Tреба да има политичка и национална согласност на заедниците, особено меѓу двете најголеми заедници, Македонците и Албанците. Има неколку моменти каде треба добро да се менаџираат и за да се внесе во овој процес и опозицијата, сигурно дека потребни се контакти, средби и со нив, средби и со другите државни институции, во оваа насока не може да се исклучи ниту господин Иванов“,  изјави Ахмети во интервјуто.

Тој, меѓу другото, потврди дека со дислоцирањето на некои од спомениците од „Скопје 2014“ или да се промени името на аеродромот „Александар Велики“ и автопатот, би се испратиле сигнали и кон Грција и кон меѓународната заедница дека Македонија е цврсто решена да ги надмине недоразбирањата и отворените прашања со соседите.