Зошто Македонија има највисока референтна каматна стапка, но и најскапи кредити?!

Македонија има убедливо највисока референтна каматна стапка во Европа, па оттука и најскап пазар на пари. Тоа повлекува и повисоки каматни стапки на кредитите што ги користат граѓаните и компаниите од банките, затоа што и банките позајмуваат пари по повисоки камати, објави „Пари“. Но, на банките во прилог им оди и фактот дека вишокот пари можат да го вложуваат на домашниот, но и на меѓународните финансиски пазари исто така по многу атрактивни каматни стапки коишто им носат приноси какви што немало подолго време. Со тоа се стеснува и просторот за поголемо кредитирање на домаќинствата и на бизнисот бидејќи банките имаат други добри и безризични алтернативи.



Од сите земји во Европа, Народната банка на Македонија е принудена да држи највисока референтна каматна стапка затоа што стапката на инфлација во земјава во моментов исто така е највисока. Последната измерена инфлација, односно индексот на цени во мај годинава бележи раст од 5,8 насто споредено со истиот месец минатата година. Инфлацијата и во Европската Унија во мај ги изненади економистите затоа што се искачи на 2,6 насто на годишно ниво, а беше 2,4 насто во април. Најголема инфлација е измерена во Белгија (4,9 насто), Хрватска (4,3 насто) и во Португалија (3,9 насто). Најниска, пак, имаат Финска (0,5 насто), Италија (0,8 насто) и Литванија (0,8 насто).

Во регионот, инфлацијата исто така е повисока од таа во ЕУ, со исклучок на Албанија, каде изнесува 2,2 насто. Во Србија изнесува 4,5 насто, а во Црна Гора 4,9 насто.

Како последица на сѐ уште високата инфлација, централните банки се принудени да ги држат референтните каматни стапки на високо ниво за да го собираат вишокот пари и на тој начин да се справуваат со здодевната инфлација, која како тренд започна на крајот од 2022 година и својот бум го имаше во 2023 година.

Најригорозна во оваа политика е Народната банка на Македонија, која ја држи референтната каматна стапка на 6,3 насто, што е највисоко ниво од 2010 година наваму. Европската централна банка има речиси за 2 процентни поени пониска референтна каматна стапка, која изнесува 4,25 насто. Централната банка на Србија, со 6,25 насто, е на иста линија со НБРМ во борбата со инфлацијата, додека Централната банка на Бугарија е попопустлива со референтна каматна стапка од 3,63 насто, а албанската е уште покомотна поради пониската инфлација и има основна каматна стапка од 3 насто. Црна Гора и Босна и Херцеговина немаат национална валута, односно го користат еврото, и се држат до референтната каматна стапка на ЕЦБ (4,25 насто). Повеќе на порталот „Пари“.