Зошто Адеми „потсетува“ на 2001 и Љуботен: За да не се повторат, македонските партии да се ангажираат повеќе за Рамковниот?!

„За да не се враќаме во минатото, на 12 август 2001 година кога беа масакрирани 10-те албански цивили кај Љуботен, но и на многу други датуми пред 2001 година, тогаш ќе треба македонските партии повеќе да се ангажираат за почитување на Охридскиот договор.“ – кажа потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми. ТВ 21 ја пренесе неговата изјава, која тој ја даде денес, како што се наведува, „по повод 23-годишнината од масакрот кај Љуботен“, откако ги посетил „гробовите на десетте албански цивили-маченици кај Љуботен“.

ТВ 21 ја цитира изјавата на потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми, дадена во овој контекст: „Ако сакаме заедно да ги изградиме оваа држава и иднината и ако сме искрени сме во нашата желба да изградиме кохезивно општество, мултиетничка држава, каде што секој од нас ќе биде почитуван, ако не сакаме да се враќаме во минатото, токму на 12 август 2001 година и многу други датуми пред 2001 година, каде што Албанците беа подложени на тортури и им беа газени слободите и човечките права, за да не се повторат вакви настани, тогаш сигурно дека е потребна посериозна заложба, особено од македонските партии, да го почитуваат Охридскиот договор.“