Од Движењето ЗНАМ, синоќа соопштија дека се одржа првата официјална средба со ВМРО-ДПМНЕ, на која се разговарало за политичките начела и платформа за соработка, како и за стратешките определби.
Милошоски: Нова влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ до 20 јуни
На средбата од ЗНАМ присуствувале генералниот секретар Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсоски, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцински.
Во сооштението од Движењето ЗНАМ нема конкретни детали дали е постигнат некаков договор или напредок кон евентуално коалицирање во идната влада.
Од партијата на Максим Димитриевски посочуваат дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на ЗНАМ, на кои ја темели својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма.
„Својата платформа ја темелиме на идеолошките столбови, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држава, втемелена во илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската Унија на достоинствен начин. Република Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција, Македонија како самоодржлива држава која ќе прозиведува доволно храна и енергија за своите потреби, како и забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи“, се вели во соопштнието од ЗНАМ.






