Движењето ЗНАМ – за наша Македонија се огласи со реакција по повод изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека „Македонците може да опстанат, само ако соработуваат со Албанците“. Од ЗНАМ испратија порака и до ВРЕДИ и до ДУИ дека „Македонците никогаш повеќе нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава“.
Соопштението на ЗНАМ го пренесе ТВ 21. Во него натаму се истакнува: Во целост го разбираме однесувањето на колегите од Вреди кога е во прашање спроведувањето на законите во Македонија. Понесени од досегашното самовластие на функционерите на ДУИ во институциите на македонската држава, овозможени од вазалската и неспособна власт на СДСМ, а исто така и во периодот на владеењето на владата на Груевски, со што создадоа слика за ДУИ дека се незаменливи и можат се’.
Вреди се обидуваат да ги копираат ДУИ и продолжуваат по истиот терк, покажувајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите и Уставот на Македонија. Движењето ЗНАМ-За наша Македонија јасно ги искажа своите политички ставови во преговорите со ВМРО ДПМНЕ за составување на владиното мнозинство преку дефинирање на принципите за функционирање на владата. Првиот принцип е функционирање врз основа на почитување на Уставот и законите и ЗНАМ секогаш јавно ќе реагира кога ќе бидат прекршени. Во врска со прашањата со етничките заедници во Македонија, тие се разрешени преку целосната спроведеност на Охридскиот Рамковен договор.
Треба да престане ставот на коалицијата ВРЕДИ дека Македонија е двонационална држава, во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства, како и стремежот за создавање паралелни квазиинституции. Движењето ЗНАМ-За наша Македонија секогаш ќе ги потсетува коалиционите партнери во владата дека Македонија е држава на македонскиот народ и сите граѓани од етничките заедници, што живеат во неа, врз рамноправна основа со еднакви права и обврски кон државата.
Деновиве сме сведоци на изјави на претседатели на македонски партии претставници на албанската етничка заедница во однос на опстанокот на македонската држава и народ. Еден од најголемите соработници на КОС во поранешна Југославија Али Ахмети да не се грижи за опстанокот на македонскиот народ, најголем гарант за тоа се самите Македонци каде и да се. Наместо да отвора навредувачки и националистички теми денеска кога државата се стреми кон ЕУ, а новата власт се обидува да го поправи сето тоа што тие го разурнаа со 22-годишното владеење, Ахмети нека се потруди да си го исчисти дворот во партијата од корупција и криминалот на своето семејство.
Второ, во јавниот настап на потпретседателот на владата Изет Меџити и неговата изјава со квалификации дека Движењето ЗНАМ-За наша Македонија е националистичка партија, која има противалбанска доктрина, ја сметаме како обид за спинување и манипулација со цел избегнување одговорност за спроведување на законите. Меџити предолг период беше во редовите на ДУИ и време е да излезе од таа матрица. Идол му е Али Ахмети, но наша препорака е да си остане само Изет. Истакнувањето на знамињата на етничките заедници е уредено со закон и никој не е над законот, вклучувајќи го и вицепремиерот Меџити. Или е за него навредливо државното, македонското знаме да биде со поголема големина од останатите, иако е пропишано со закон?!
Знамињата на сите етнички заедници кои живеат во Куманово, а се истакнати во кабинетот на Димитриевски се согласно законот и од почит кон сите нив иако не е законска обврска, не служат за да навредат некој, туку да ги испочитуваат сите етнички заедници. Тоа е мултиетничност и заемно почитување, кое ние од Движењето ЗНАМ го практикуваме и го негуваме. На господата ВРЕДИ сакаме да им укажеме дека колку побрзо ќе сфатат дека нивна држава е Македонија, а не Косово, толку подобро ќе биде за нив. Во спротивно ќе завршат и пред да почнат, ќе разочараат многумина, кои очекуваат да се различни од нивните предходници, а тоа ќе се потврди на следните локални избори. Нека се договорат кој од претседателите на партиите во Вреди го кажува официјалниот став на нивната коалиција, затоа што вака наликуваат како раштимуван оркестар без диригент.
На крајот, една порака и до Вреди и до ДУИ: Никогаш повеќе Македонците нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава! Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија е гарантот за тоа. – стои во соопштението на ЗНАМ.
Дедо Ное, Света Ана и Богородица – три моќни причини со кајче да се посети Заум близу Трпејца (ВИДЕО)





