Зибери: Законот за јазиците не зависи од Иванов, туку од пратениците

Некогашниот вицепремиер, министер и пратеник Насер Зибери вели дека претседателот Ѓорге Иванов не може да го спречи стапувањето на сила на Законот за употреба на јазиците откако ќе биде изгласан во Собрание, и покрај правото на вето.



„Ставот на Иванов за Законот за употреба на јазиците е познат – тој во неколку наврати повторуваше дека оценува оти некои одредби од овој закон ги надминуваат границите на Уставот и не се во согласност со него. Оттаму, не би било изненадување
ако по одобрувањето на Законот и поднесувањето на текстот од претседателот на Собранието на потпис кај Претседателот, тој да одбие да го потпише декретот. Но, тоа не може да го спречи влегувањето во сила на Законот, бидејќи ова прашање е регулирано: Законот повторно ќе се врати во Парламентот, кој ќе ја повтори постапката за одобрување и, ако ги има потребните 61 глас по втор пат, Законот ќе стапи во сила. Значи, одобрувањето или неодобрувањето на овој закон нема да зависи од волјата на Иванов, туку од волјата на парламентарното мнозинство“, објасни Зибери за порталот на албански јазик „Порталб.мк“.

Зибери беше потпретседател на Владата на Бранко Црвенковски и министер за труд и социјална политика од 1996 до 1998 година и во три четиригодишни мандата пратеник на Партија за демократски просперитет, а денес работи како нотар.

Правото на вето за закон што ја опфаќа истата материја во 2008 година го искористи и тогашниот претседател Бранко Црвенковски.

Парламентарната дебата за нацрт-законот за употреба на јазиците заврши со второ читање на пленарна сесија и по евентуалните дискусии за него ќе се гласа
пред пратениците.