Зејнели: Ако не стане албанско-македонска федерација, РМ ќе се распадне! – Идентитетот на Славомакедонците е и пробугарски!

„Нерешавањето на албанското прашање во Македонија може еден ден да ги охрабри националистичките и радикалните сили на албанското општество. Неуспехот да се реши соодветно албанското прашање во Македонија може да ја дестабилизира и да го загрози мирот во регионот. Ставот дека ‘радикалното’ решение на албанското прашање во Македонија може да ги поттикне просрпските, односно пробугарските стремежи во неа, ја исфрла на очигледната вистина – кризата на идентитетот на Славомакедонците. Нив ги негираат не само Бугарите, туку и Србите и Грците. Славомакедонците самите се делат на: засрби и забугари. За разлика од Словените Албанците се антички и автохтон народ во Балканот, кој има неспорен идентитет.“ – тврди Џелал Зејнели, аналитичар, публицист и албанолог од Тетово, во својата колумна со наслов „Албанското прашање во Македонија – редефинирање на Македонија“. Оваа колумна содржи серија тешки навреди врз етничка основа и омаловажувања на достоинството на македонската нација, но и сериозни и опасни закани кон унитарниот карактер на Македонија и нејзиниот територијален интегритет. Овој текст на Џелал Зејнели не претставува само обична колумна, туку тоа е јавно изложување една директна програма за „интегрално решавање на албанското прашање во Македонија“, поаѓајќи врз основа на идеологијата на „Велика Албанија“, без оглед што колумнистот не го наведува експлицитно изразот „Велика Албанија“. Оваа обемна колумна, која има и неколку дела, доби широк публицитет во весникот „Лајм“, информативната агенција „Илирија-ИНА од Скопје, весникот „Бота сот“ од Приштина и во други медиуми на албански јазик од Македонија и Балканот. Колумнистот изнесува ставови, кои, исто така, во отворена, или затскриена форма, ги пласираат како свои програмски заложби веќе со години и одделни албански политички партии и нивни лидери, но и албански интелектуалци од Македонија и регионот. Со оглед на сево ова редакцијата на „Експрес“ ги пренесува во пошироки наводи клучните и најкарактеристични делови од оваа колумна.



Покрај другото, Зејнели пишува: Ставот дека правичното решение на албанското прашање во Македонија може да ја отвори „Пандорината кутија“ и да ја дестабилизира државата, ја исфрла на површината историската дилема – сомнителниот идентитет на славоговорната заедница во Македонија. Славомакедонскиот народ денес, како и во минатото, се соочува со криза на идентитетот. Националната идеологија на Македонија доаѓа под сомнеж, поточно таа не постои. За да ја надминат кризата со идентитетот, славомакедонските националисти ја ифрлаат тезата за нивното античко потекло.

Во Македонија имаме судир на на два концепта: унитарен концепт – македонски, кој е неисториски, антидемократски и анахрон; и федеративен концепт – албански, кој е во согласност со историските тенденции. Србија се стремеше да го наметне унитарниот концепт во повеќенационална Југославија. Епилогот од тоа е познат: распад на СФРЈ со војна, дезинтегрирање на голема Србија и нејзино доаѓање во судир со меѓународниот чинител. Федерализацијата на Македонија нема алтернатива. Отфрлањето на федералниот концепт во Македонија неизбежно може да доведе до нејзин распад.

Зошто се одложува создавањето на бинационална, албанско-македонска, федерална Македонија, кога албанското прашање во Македонија може да се реши според моделот на швајцарската конфедерација, во која постојат три државотворни народи: Германци, Французи и Италијани? Зошто се одложува создавањето на бинационална, албанско-македонска, федерална Македонија, кога албанското прашање во Македонија може да се реши според моделот и на Белгија како федерација, во која постојат три културни заедници: Фламанците, Валонците, односно Фанцузите и германофоните, како и со три региони: Фландрија, Валонија и главниот град Брисел?

Албанското прашање во Македонија е прашање на една окупирана територија, тоа е прашање на еден угнетуван, искористуван, протеруван, раселуван, маргинализиран и гетоизиран народ уште од 1912 година се до денешни дни. Решението на албанското прашање во Македонија подразбира не само создавање двонационална федерална Македонија, која ќе има два ентитета, туку подразбира и признавање на албанската нација како државотворна и признавање на нејзиното право на самоопределување.

Славомакедонскиот народ не може да гради своја куќа на туѓа земја. Ако зависат мирот во Македонија и нејзината стабилност  од жртвувањето на животните и суштествените интереси на Албанците, тогаш е подобро таква креатура воопшто да не постои.  Албанците не можат доброволно да прифатат да го жртвуваат својот национален интерес, заради постоење вештачки творби.

За да се реши албанското прашање потребно е да се постигне историски договор меѓу двата народа. Време е за реорганизација на албанскиот политички чинител во Македонија и создавање заеднички политички фронт. Денес на Албанците не им треба војна. Доволно е да не влезе ниедна албанска политичка партија да не влезе во владата и Македонија ќе пропадне. Не постои Македонија без Албанци во владата. Барањата на Албанците се доставени до институциите на државата и нејзините највисоки инстанци, како на пример во Парламентот. Затоа тие нивни барања имаат легитимитет и оправданост. Тие барања се поставени на демократски, организиран, политички и институционален начин и имаат поддршка од меѓународниот чинител.

Барањата на Албанците не се екстремни и радикални, туку реални и рационални. Признавањето на статусот на државотворен народ за Албанците во Македонија и создавањето на Македонија со два ентитета не ги доведува во прашање нејзините меѓународни граници. Зошто да не се создадат три албански држави во Балканот. Албанија, Косово и двонационална Македонија? Штом не му се овозможува на албанскиот народ да формира  единствена албанска национална држава, тогаш нека му се дозволи да формира три албански национални држави.

Завршното решавање на албанското прашање би ја консолидирало, би ја засилило и би ја стабилизирало внатрешно Македонија. Нерешавањето на албанското прашање на правичен начин ќе внесе напнатост во меѓуетничките односи, ќе го оддолжи развојот на демократските процеси во Македонија,  ќе ја деконсолидира и ќе ја дестабилизира, но ќе предизвика и доцнење на нејзината демократска преобразба и на нејзиното вклучување во семејството на цивилизираниот свет.

Имајќи предвид дека Албанците се природни канали на западниот интерес во регионот, целинското решавање на албанското национално прашање на Балканот е интерес и на Вашингтон и Брисел. Со оглед на тоа дека Албанците се првата брана на латинска и германска Европа против од славовизантиските и великоруските воинствени уривачки традиции, се подразбира само по себе дека Албанците се поддржани од нивните западни сојузници. Албанците придонесоа САД и демократијата да влезат во Балканот и затоа би било природно влијателниот меѓународен чинител  да го поддржи правичното решавање на албанското прашање во Македонија, да го поддржи создавањето двонационална  и евроатлантска Македонија.

Во политичката структура на Македонија треба јасно да се создадат два основни дела, ентитета со право на одлучување: албански и македонски. Мора да се спроведе коренита, радикална  промена на македонскиот устав, заради редефинирање на унитарноста на Македонија и создавање двонационална федерација со дводомен парламент, во која ќе се спроведува консензуална, договорна демократија. Секое доцнење во оваа насока ќе ѝ се врати како бумеранг на Македонија. Како што ѝ се врати на Србија.