Земјоделците револтирани го уништуваат родот, државата мува не ја лази

Зошто државата дозволува земјоделството од ден во ден се повеќе да тоне?! Оттука произлегува прашањето кое со години никако да се реши, а тоа е увозната зависнот на Македонија од земјоделски производи, проблем што сериозно ги тишти земјоделците, односно оние кои останаа да се занимаваат со аграр. Па така, во струмичкиот крај 30 до 40 отсто од зелката остана непродадена по нивите. Земјоделците сега ја уништуваат со цел да засадат други култури. Тие во изјава за Фактор, објаснуваат дека дел од родот имаат подарено на роднините, пријателите, соседите, но тоа не е решение, затоа што вложиле пари, работеле, изгубиле време, а сега трпат загуби. Жално е што родот се уништува по полињата, но немаат каде да ги пласираат количините.



  • Мене 6-7 тони зелка ми останаа во нивите. Јас ја уништив и садев пиперка. Завршено е со зелката. Имаше и донации, но за да ја донирам, да плаќам превоз, не бива. Требаше државата, институциите да организираат да се однесе некаде. Кој сакаше можеше да си бере зелка од нивите. Лоша е состојбата. И со доматот е лошо. Донесен е домат од Албанија на пазарите. Не дај боже да се случи истото и со доматот. И копирот не оди, само краставицата се држи засега, ама понатаму цената може да падне“, вели Ристо Велков, претседател на Агросојуз од Струмица.

Тој апелира новата влада откако ќе почне со работа да се ангажира и да им помогне на земјоделците, да не сведочиме на вакви настани, кога родот скапува или се уништува по нивите.

  • „Моментално  некои од луѓето ги уништија насадите со зелка под фолија  и  засадија нови култури на истата површина. Ние нашите ги продадовме за многу ниска цена, за 3 до 5 денари за килограм на големо. Тоа е жално. На отворено не сме ја уништиле зелката, се надеваме дека цената ќе порасне. Нема на кого да ја дадеме, скоро секоја куќа си има, односно ако не саделе за продажба, за себе си имаат“, објаснува меѓу другото жителка на струмичко село, повеќе може да се види на Фактор.мк.

Според земјоделците, површините под зелка и пиперки се зголемиле за 10 до 20 проценти во однос на лани. Инаку, зелката неколку години беше најизвезуваниот зеленчук од земјава. Лани извозот изнесувал 29.9 милиони евра, што е раст од 21 отсто во однос на 2022 година.