„Немојте со плински боци да ги бркате птиците! Имаме потврден случај кога дошло до експлозија на плинската боца, од која уредот зема плин, за да ги испушта пукотниците. Притоа се појави пожар, кој, поради брзата интервенција на пожарникарите, беше совладан и не се претвори во голем пожар.“ – апелираше Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.
Уредите со плинска боца, што произведуваат звуци и кои неодговорните поединици ги користат, со цел да ги бркаат птиците, што им го уништуваат родот на земјоделските посеви, претставуваат сериозна опасност да се предизвикаат пожари на отворено, кои потоа се шират со огромна брзина и зафаќаат шумски предели. Од Центарот за управување со кризи велат дека потврден е ваков случај и ги повикуваат земјоделците да запрат со овие активности во време кога Република Македонија се соочува со огнени стихии и со месеци се вложуваат натчовечки напори за справување со пожарите.
Од Центарот за управување со кризи предупредуваат и на опасноста од соголените, или олабавени жици на електричните столбови, кои можат да бидат причина за искрење и пожари, посебно во селата и во викенд-населбите, кои ретко се населени.





