„Не знам кој му ги пишува говорите на премиерот Заев, но да се каже дека во Македонија како унитарна држава постојат „конститутивни народи наброени во Уставот“ е катастрофално елементарно непознавање на политичкиот систем на Македонија! Република Македонија не е (кон)федерација на „деловите на народи“, туку е унитарна република, која гради граѓански концепт“, пишува универзитетскиот професор Рубин Земон кој е и лидер на партијата Алијанса за позитивна Македонија.
„Со споменувањето во Преамбултата на Уставот на деловите на народи што се именуваат, вклучувајќи ги и „другите“, сите заедници се уставна категорија, но никако „конститутивни народи“, смета Земон чија партија е дел од коалицијата „ За живот во Македонија“ предводена токму од лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
Стружанецот Рубин Земон е претседател на Сојузот на Балканските Египќани. Вработен е во Универзитетот за информатички науки и технологии и член на научниот совет на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“. Тој експерт на ОБСЕ/ОДИХР за прашањата на националните малцинства.
Што пишува во Преамбулата на Уставот на РМ која ја цитираше премиерот во Белград?
„Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои
живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот
народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја
одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на
своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање
самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за
зачувување и развој на с# што е вредно од богатото културно наследство и соживот во
Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република
Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на
АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат
Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави
и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските
слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и
напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието
на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат
овој устав“, пишува во преамбулата на Уставот на Република Македонија.





