Тајниот мировен план на Доналд Трамп се состои во принудување на Украина да и ги отстапи Крим и Донбас на Русија, пишува – повикувајќи се на извори блиски до поранешниот американски претседател – весникот „Вашингтон пост“, .



Тој често се фалеше дека, доколку биде избран, би можел да преговара за мировен договор меѓу Русија и Украина во рок од 24 часа, дури и пред да ја преземе функцијата. Но, тој постојано одбиваше јавно да прецизира како ќе организира толку брз крај на војната, која беснее повеќе од две години и во која загинаа десетици илјади војници и цивили.

Трамп приватно изјави дека и Русија и Украина „сакаат да го спасат образот, сакаат излез“, и дека на луѓето во некои делови на Украина не би им пречело да бидат дел од Русија.

Замената на територијата за прекин на огнот би ја ставила Украина во полоша позиција без гаранции дека Русија нема да се вооружи и да продолжи со непријателствата, како што тоа го правеше во минатото, рече Ема Ешфорд, виш соработник во непартискиот тинк-тенк Stimson Center. „Тоа е ужасен договор“, рече таа за предлогот на Трамп.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска предупреди дека неговата земја ќе ја изгуби војната со Русија доколку барањето на Џо Бајден за американска помош од 60 милијарди долари остане блокирано во Конгресот поради противењето на републиканците кои го поддржуваат Доналд Трамп.