Зеленски се предаде: Подготвени сме да работиме на мир под силното лидерство на Трамп

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски преку објава на социјалните мрежи изјави оти е подготвен во секое време да го потпише договорот за минерали и безбедност со Соединетите Американски Држави (САД) и да работи под, како што вели, силното лидерство на претседателот Доналд Трамп.  



Во објавата на платформата Икс, Зеленски се навраќа на тензичната средба со Трамп во Белата куќа во петокот, велејќи дека состанокот не поминал како што требало, но истовремено ја повторува постветеноста на Украина за мир и изразува благодарност до Трамп што на неговата војска и дал оружје Џавелин (Javelin) – преносни противтенковски ракети.  

Украинскиот претседател наведува дека никој не сака бескрајна војна и оти Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро со цел да се доближи до траен мир.  

„Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир…Никој не сака мир повеќе од Украинците. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под силното водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир кој ќе трае“, вели Зеленски.  

Тој наведува и неколку предлози кои, како што вели, би можеле да бидат првите фази кои ќе бидат почеток на патот до постогнување на силен конечен договор за мир.   

„Подготвени сме да работиме брзо за да ја завршиме војната, а првите фази би можеле да бидат ослободување на затвореници и прекин на огнот во воздух – забрана за ракети, дронови со долг дострел, енергетски бомби, како и итен прекин на огнот на море доколку Русија го стори истото. Потоа сакаме да се движиме многу брзо низ сите следни фази и да работиме со САД за да постигнеме силен конечен договор. Навистина го цениме тоа колку Америка направи за да ѝ помогне на Украина да го одржи својот суверенитет и независност. И се сеќаваме на моментот како нештата се сменија кога претседателот Трамп и обезбеди на Украина Џавелини. Ние сме благодарни за ова“,  вели украинскиот претседател.

За вербалниот судир со америнскиот претседател и потпретседателот Џеј-Ди Венс во петокот во Овалната соба во Белата куќа, Зеленски вели дека жали што не поминал како што требало и додава оти е време работите да се исправат.  

„Нашата средба во Вашингтон, во Белата куќа во петокот, не помина онака како што требаше. Жал ни е што се случи вака. Време е работите да се исправат. Би сакале идната соработка и комуникација да биде конструктивна“,  вели Зеленски.

Во однос на договорот за минерали и безбедност, украинскиот претседател, наведува дека неговата земја е подготвена да го потпише во секое време и во секој соодветен формат. Овој договор, вели Зеленски го гледаат како чекор кон поголема безбедност и цврсти безбедносни гаранции.