Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, ја нарече „неоснована инсинуација што им штети на билатералните односи“ сугестијата на македонскиот премиер Зоран Заев дека Русија му подготвува атентат, јавуваат руските медиуми.
Според неа, наводите на Заев во интервју за црногорското радио Антена М од 5 ноември дека аналитичари го предупредиле оти по Мило Ѓукановиќ сега тој е на ред да се обидат да го ликвидираат „повеќе личат на рекламна кампања на некој што сака да се претстави како жртва“.
Гласноговорничката на руското МНР уште додаде дека зборовите на Заев „служат за прикривање на забрзаното вовлекување на балканската држава во Атлантската алијанса“.
Во меѓувреме, Захарова, која денеска имаше брифинг со новинарите, преку „Твитер“ порача: „Изјавите како таа на македонскиот премиер Зоран Заев се штетни за руско-македонските односи и се во спротивност со декларираната подготвеност на Скопје да промовира конструктивни врски со нашата земја“.





