Ракетите со долг дострел што треба да се испратат во Украина може да ја погодат француската амбасада во Москва, предупреди портпаролката на руското министерство за одбрана Марија Захарова.
Реакцијата на Захарова доаѓа по изјавата на францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну, кој во понеделникот потврди дека наредил префрлање на најмалку десет проектили со долг дострел “Скалп“ во Украина со кои Киев ќе може да извршува напади и на руска територија.
„Би сакала да му го кажам ова на Себастиен Лекорну, кога режимот во Киев ќе удри надвор од линијата на фронтот, да се надеваме дека нема да ја погоди француската амбасада во Москва“, рече Захарова.
Според неа, европските претставници вложиле напори да ги убедат САД да и дозволат на Украина да истрела ракети со долг дострел на руска територија.
Таа додаде дека британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон сакаат да го принудат американскиот претседател Џо Бајден да ја укине забраната за таргетирање на руска територија пред да му заврши мандатот во јануари. Захарова тврди дека тоа покажува дека Западот не сака мир, туку „има намера преку Украина да води хибридна војна против Русија“.
„Сакаме да ги потсетиме Вашингтон, Лондон, Париз и Брисел дека сè уште си играат со оган. Рускиот претседател Владимир Путин јасно кажа дека дадењето дозвола на Украина за такви напади ќе го сметаме за вистински влез на земјите од НАТО во директен вооружен конфликт со Русија“, нагласи Захарова.






