Во интервју за хрватскиот весник „Спортске новости“, македонскиот селектор Кирил Лазаров ја прокоментира лакрдијата во режија на данските судии Мадс Хансен и Јеспер Мадсен на натпреварот со Холандија од прелиминарната фаза на 29. Светско првенство.
„Ние сме мала земја, го сакаме ракометот исто како Хрватска, но немоќни сме кога се споредуваме со големите држави како Германија, Франција, Данска итн. Малку ни недостига квалитет, а потоа уште и ќе ни се случи ‘ова’. Затоа ракометот како спорт ни е таков каков што е. Па, затоа Американците не инвестираат во овој спорт. Не сакаат ни да го имаат. Затоа што има многу сомнежи во некои ситуации. Ова не е ниту прв ниту последен пат. Гледам Холанѓаните се доста фаворизирани, но што се случи на тој натпревар… Види, да речеме да продолжиме понатаму, океј. Но, генерално, ракометот како спорт нема иднина со вакво нешто. Ако можеш да најдеш спонзор, заинтересиран инвеститор, навистина не знам дали би се осмелил да ги вложиш твоите пари во ова, ако некој така те измамил. Сите ние кои работиме во овој спорт треба да бидеме сериозно загрижени за вакво нешто“, изјави „изборникот“ на Македонија.






