Затворот „Шутка“ фуннкционирал како „Хотел Промаја“, вели Тошковски

Во затворот се правеле „туристички услуги“, изјави синоќаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, коментирајќи дека полицијата вчера изврши 2 претреси на 2 локации, во домовите на службени лица во затворот „Скопје“, поради постоење на основни сомненија дека сториле повеќе кривични дела, заедно со други вработени во затворот.



„Фрапантна фактичка состојба, од аспект на информациите со коишто располагаме.

Менаџерот на затворот и други лица, вработени, затворот го доживувале како трговец поединец, здружение или приватно правно лице коешто се занимава со туристички услуги.

Тие незаконито им овозможувале на осудени лица, за коишто постои висок безбедносен ризик, да користат привилегии што не им следуваат по закон.

Просто објаснето, 8 до 10 часа им овозможувале, спротивно на закон, според индициите, да бидат спроведувани од страна на затворската полиција до одредени локации, како нивен дом или трети локации каде што истите уживале привилегии, а притоа биле чувани од страна на затворската полиција и не во рамки на она што е дозволено со закон, туку за приватни потреби. Какви се тие приватни потреби ќе утврдиме дополнително“ – рече министерот Тошковски во гостување на Канал 5.