Засилен сообраќајни контроли на МВР, граѓаните даваат поддршка

Засилени сообраќајни контроли спроведува Министерството за внатрешни работи изминативе денови на подрачјето на главниот град. Од МВР најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во иднина и апелираат граѓаните да ги почитуваат и да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи.



За пет дена, од 5 444 исконтролирани возачи во Скопје, констатирани се 2 592 прекршоци, што значи дека речиси секој втор кој што бил запрен, сторил некаков прекршок. Од нив 195 прекршоци се за немање на возачка дозвола, а вкупно 19 алкохолизирани возачи возеле моторно возило. Нерегистрирано возило возеле 50 лица, додека 695 возеле побрзо од дозволеното

Граѓаните ја поздравуваат оваа активност на МВР и даваат полна поддршка. Дел од нив на социјалните мрежи пишуваат дека само удар по џеб може да ги, како што велат, опамети луѓето. Други бараат засилени контроли од страна на полицијата во сообраќајот да има и во другите градови, не само во Скопје.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на јавната расправа на собраниската Комисија на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“ зборуваше за неколку измени во законската регулатива кои би требало да станат важечки дел од законодавството со цел заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот и ултимативно намалување на жртви во сообраќајни незгоди.

Системот „Сејф сити“, како што најави министерот, треба да профункционира од 1 јануари 2026 година. Тој вели дека за овој систем за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци да почне да работи, освен поставување техничка инфраструктура, треба да се усогласат низа закони. Формирана е работна група во која има експерти од различни области, претставници на повеќе институции и МВР, кои, според министерот, интензивно работат на решение.

Министерството постојано работи и во делот на превенцијата. Секторите за внатрешни работи спроведуваат разни превентивни активности низ цела Македонија, а во изминативе недели, меѓудругите, кампањи се спроведуваа и во делот на безбедноста во сообраќајот.

Целата анализа на : https://kurir.mk/vesti/makedonija/postojano-da-ima-policija-na-ulicite-samo-kazni-za-red-i-disciplina-gragjanite-gi-pozdravuvaat-zasilenite-soobrakjajni-kontroli-na-mvr-foto/