Започнува ерата на одржливиот стил: Придружете се на модната промена!


Во пресрет на меѓународниот вебинар закажан за 16.10.2024 насловен како „Придружете се на модната револуција – Стоп за брзата мода“ кој е во организација на МАТА Скопје и Фондацијата ФЕРИ од Полска, а е дел од Еразмус деновите, разговараме со една од гостите експерти, Анета Пизаниец Драбик, Магистер по новинарство од Универзитетот во Варшава, а од неодамна и со сертификат за моден бизнис од реномираниот Parsons School of Design во Њујорк. Анета има својата агенција за модели, искуство во организација на модни ревии и фотосесии, а она што е посебно интересно е што има работено интензивно и како консултант за имиџ.Моментално живее во Женева, каде што продолжува со својата повеќеслојна кариера, често за приватни клиенти, а понекогаш и за организации како ОН. 



1. Анета, кои модни трендови можат да помогнат во промоција на одржлива мода, а при тоа да останат привлечни за младите луѓе?  

Анета: Постојат неколку трендови кои, според мене, им се допаѓаат на младите и кои со задоволство гиприфаќаат. Еден од нив дефинитивно е реупотребата на облека. Кога размислувам за овој тренд, ми текнува на приказните од мајка ми, која пораснала во големо семејство и често носела облека што ѝ ја оставале нејзините постари сестри. Таа морала да ја приспособи таа облека за да се чувствува како да има нешто „ново“. Денес, со гордост ги реупотребуваме парчињата облека, а винтиџ модата се слави наместо да се крие. Оваа промена на мислењето е нешто што го сметам за навистина возбудливо и клучно за иднината на модата.  

Младите денес исто така се многу свесни за материјалите, каде се изработени облеките и приказната зад еден бренд. Како што напиша Џон МкКин во својата книга *Customers Are People … The Human Touch*, „70% од нашите одлуки за купување се базираат на тоа како нè третираат како луѓе, додека само 30% се базираат на карактеристиките на производот.“ Иако овој поим малку се променил, човечкиот елемент – приказната зад еден бренд – станала уште поважна. Купуваме производи од спортисти, активисти и инфлуенсери кои ги почитуваме, луѓе со кои сакаме да се поистоветиме.  

Ова е моќен тренд и може да биде од огромна помош во борбата против брзата мода, особено кога создавачите зад брендот се свесни луѓе. Ова се луѓе кои не сакаат само да направат профит, туку и да изградат заедница што ќе остане со брендот долги години. Нивната цел не е само еднократен купувач; тие ги едуцираат и се грижат за своите клиенти, еволуирајќи заедно со нив.  

Технологијата и дигиталната мода исто така играат значајна улога. Вештачката интелигенција, виртуелните продавници и можноста да „носите“ облека која често е надвор од нашите финансиски можности, ја слабее нашата желба за физичко поседување. Овие алатки овозможуваат експериментирање и истражување на стилот без еколошката цена на прекумерното производство.  

2. Што треба да преземат потрошувачите за да помогнат во намалувањето на негативните ефекти на брзата мода?  

Анета: Има многу одговори на ова прашање, но некои од клучните акции вклучуваат купување помалку, создавање капсулни гардероби – каде секој дел се комплементира со друг, дозволувајќи разноврсни комбинации – и избор на облека со повисок квалитет. Иако овие парчиња може да се поскапи, тие остануваат со нас со години, наместо само една сезона.  

Ова се идеи со кои повеќето луѓе се запознаени, но сè уште постои отпор. Верувам дека овој отпор е вкоренет во стравот, и тука треба да почнеме со работа, особено како оние што се одговорни за едукација на потрошувачите. Што мислам со тоа? Треба да ја пренесеме пораката дека поседувањето помалку нема да значи дека луѓето мислат дека не можете да си дозволите повеќе. Носењето винтиџ облека не е знак на сиромаштија, туку на интелектуално богатство. Грижата за вашата облека не е суета, туку израз на љубов кон планетата и почит кон лицето што ја дизајнирало и изработило облеката, надевајќи се дека ќе биде носена од некој кој навистина ја сака и ја негува со години.  

Ова е тема за посебно интервју, или дури книга, напишана во соработка со психолози и ментори. Се работи за промена на перцепцијата за поседувањето на прво место, и само тогаш можеме да започнеме да ги менуваме навиките на купување.  

Јас исто така сум голем фан на модата по нарачка. Кога нарачувам нешто што ми се допаѓа, обично треба да чекам околу две недели за да го добијам, и често не можам да го вратам. Ова време на чекање ме тера да размислам повеќе за моето купување, и кога конечно ќе го добијам парчето облека, уште повеќе го ценам.  

3. Како стилист и консултант за имиџ, како придонесувате за одржливата мода?  

Анета: Почнувам со тоа што ги учам моите клиенти да се сакаат и ценат себеси. Јас практикувам форма на менторство поврзана со љубовта кон себе, и дури потоа преминуваме на облеката. Навистина верувам дека модата може да ни помогне да ја стекнеме самодовербата и да го изразиме тоа што сме без да го објаснуваме вербално. Но пред да работиме на гардеробата, мораме да работиме на себе.  

Имам свој метод. Почнувам со фотографирање на моите клиенти. Во текот на неколку часа снимање, ја запознавам личноста на начини на кои не би можела за време на обично шопинг искуство. Дознавам кои се тие, кои сакале да бидат и кои сакаат да станат. Потоа, можам да создадам личен стил за нив што се совпаѓа со нивното вистинско јас.  

Секогаш ги охрабрувам моите клиенти да ја продаваат или донираат облеката што повеќе не им е потребна. Прекрасно е чувството кога ќе сфатите дека предмет што само заземал простор во вашиот плакар носи радост на некој друг.  

Исто така, сакам да поддржувам локални дизајнери. Барам брендови и креатори од земјата на клиентот, охрабрувајќи ги да се грижат за својата облека, да ја поправат наместо да ја фрлат и да инвестираат во квалитет наместо во квантитет.  

Уживам во купување од швајцарските т.н. „втора рака“ продавници, кои ги има во изобилство и често нудат луксузна облека. Ова му дозволува на секого да ја исполни својата желба за поседување нешто од врвен бренд. Но, што е уште позадоволително е кога ќе сфатите дека откако ќе го поседувате таков предмет, тоа не ви го менува животот – промената на вашиот начин на размислување за поседувањето е она што навистина прави разлика.

И за крај, уште едно потсетување, во рамки на овој вебинарот, закажан за 16.10.2024, од 19.00 часот, ќе бидат прогласени и добитниците на наградите за најдобар блог и влог од меѓународниот натпревар, кој беше отворен до 2 октомври. Овој натпревар привлече огромен интерес, со учесници од двете земји, Македонија и Полска, кои ги споделија своите идеи и креативни решенија за промоција на одржливата мода. Вебинарот претставува само почеток на низата активности кои ќе продолжат во следните месеци во рамките на Еразмус+ проектот „Стоп за брзата мода“, n° 2023-2-PL01-KA210-VET-000174365 кој го реализираат МАТА Скопје и ФЕРИ од Полска, и кој има за цел да поттикне позитивни промени во модната индустрија и воедно да креира едукативни практични материјали за стручните училишта.