Запоседнувањето на Тетово-Гостивар-Дебар-Кичево како „дел на Независна Албанија“ од германско-балистичките формации по наредба на Хитлер

„Наредбата за ‘цврсто воено запоседнување на просторот Тетово-Гостивар-Дебар-Кичево’, што како директива произлегла лично од водачот на нацистичка Германија Адолф  Хитлер, била спроведена преку воената операција, со тајна шифра ‘Еделвајс’ (‘Edelweiß’) меѓу 5 ноември и 7 декември 1943 година. Во текот на таа воена операција германско-балистички борбени групи ги запоседнале Дебар, Кичево и Дебарца.“ – има напишано во своја објава фејсбук-профилот „Македонија – вистинска бесконечна приказна“ („Macedonia : a True Endless Story …“, осврнувајќи се, како што наведува, на активностите на Третиот Рајх за организирање „месна самозаштита“ (милиција) во западниот дел на Македонија кон крајот на 1943 и во првата половина на 1944 година.

„Македонија – вистинска бесконечна приказна“ пишува: Околу еден месец по капитулацијата на фашистичка Италија, на 8 септември 1943 година, Адолф Хитлер ја издал директивата за создавање на „Независна Албанија“ – колаборационистичка парадржавна творба, во чиј состав ќе влезе и западниот дел на Македонија. Од воено-територијален аспект, таа територија влегла во оперативното подрачје на 21-иот  планински армиски копрус од составот на Германската 2. оклопна армија. Нешто подоцна била воспоставена и воено-територијалната команда Фелдкомандатура 1041 („Feld-Kommandanture 1041“), со седиште во Струга, во чиј состав се и неколку околиски команди („Ortskommandanturen“), како и команди на места („Platz-Kommandanturen“). Бидејќи активностите на Фелдкомандатурата 1041 се засилиле дури во почетокот на 1944 година, албанските и македонските партизани создале голема слободна територија во западниот дел на Македонија.



Поради тоа дури Врховната команда на Вермахтот („Oberkommando der Wehrmacht“) ја истакнала потребата за реализација на една поопсежна воена операција во тој простор, или како што во наредбата стои: „Цврсто воено запоседнување на просторот: Тетово-Гостивар-Дебар-Кичево“…, што како директива произлегла од самиот Адолф Хитлер. Воената операција, со тајна шифра „Еделвајс“ („Edelweiß“), била реализирана меѓу 5 ноември и 7 декември 1943 година. Во текот на таа воена операција германско-балистички борбени групи ги запоседнале Дебар, Кичево и Дебарца, но главнината на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија успеала да се пробие во Егејска Македонија.

Во наредниот временски период, посебно положбата на Македонците во западниот дел на Македонија значително се влошила: тиe станалe жртви на разбојничките банди и неформалните оружени формации, претежно пополнети со Албанци. Според германскa оценкa, дополнително се влошила воено-политичката состојба во„невралгичниот простор“, каде што се судирале германско-бугарските геостратегиски интереси. Истовремено, Бугарија ги актуелизирала барањата за поместување на демаркационата линија во Вардарскиот дел на Македонија во нејзина полза и стационирање  бугарска војска во западниот дел на Македонија.

Во врска со споменатите прашања на 18-19 октомври 1943 година, во „Волчјата Јама“ (Растенберг-Источна Прусија, денешна Полска), разговарале Хитлер, кнезот Кирил Преславски и бугарскиот премиер Богдан Филов. Веднаш потоа, Хитлер издал директива за организирање на месна самозаштита („Örtlichen selbstschutzes“) во западниот дел на Македонија, со асистенција на Вермахтот. Според планот, нејзиното организирање требало да биде во надлежност на „Специјалниот полномошник на Министерството за надворешни работи на Третиот Рајх за Југоистокот“ д-р Херман Нојбахер (Hermann Neubacher), додека оружјето и опремата запленети – италијански.