Запленети 4 тони марихуана од фабрика за канабис

По претходни извршени контроли, полицијата на СВР Струмица-ОВР Валандово заплени околу четири тони марихуана од фабрика за канабис за медицински цели во село Јосифово- Валандово, јавува Фактор.
Интересно е што точно пред четири години од истото место беа украдени два тони марихуана и однесени во Аралиново во грабеж кој предизвика огромен интерес кај јавноста.
Како што дознава порталот, на производителот ќе му се одземе лиценцата, а било констатирано дека производството е поголемо отколку прикажаното. Содржината на спакуваното и начинот на пакување не биле соодветни.
„Имено, при крајот на октомври и почетокот на ноември 2024 година… била извршена контрола од страна на Комисијата при Министерството за здравство, по барање на МВР, и во присуство на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Струмица- ОВР Валандово.
Во текот на контролата се утврдени бројни неправилности околу произведената марихуана за медицински цели, при што е известен надлежен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, кој дал наредба да биде извршен претрес во правното лице, по претходно издадена наредба од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Гевгелија и Комисијата при Министерството за здравство за исполнетост на условите за простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за производство на марихуана за медицински цели.
Од страна на ОВР Валандово и ОКП извршени се проверки и повикани се на службен разговор 16 лица, меѓу кои сопственици на правното лице, поранешен управител, обезбедување, како и работници кои биле ангажирани на тримирање и чистење на марихуаната.
Утврдено е дека околу 1.390 килограми на марихуана е фалсификувана, а исто така утврдено е дека био маса со ТХЦ со вкупна килажа од 1.629 килограми, која правното лице било задолжено да ја уништи и да достави известување до Министерството за здравство, истата не ја уништило и при контролата е затекната во правното лице.



Исто така, утврдено е дека недостасуваат околу 11 килограми марихуана од сортата „булк глубери“ и не е доставен доказ каде се наоѓа.

Од контролата и претресот утврдено е дека околу 815 килограми марихуана од реколта 2023 година е спакувана во полиетиленски вреќи, што е спротивно на Законот за контрола на опојни дроги и истата не е соодветно спакувана, складирана и обележана.
Вреќите не се запечатени со сигурносна лента, иако во правното лице биле должни да постапат согласно член 29 Ѓ став 2 по Закон за контрола на опојни дроги.

По обезбедување на сите материјални докази, од страна на ОВР Валандово до надлежното ОЈО Гевгелија е поднесена кривична пријава за извршено кривично дело по член 95 В, 29Г од Закон за контрола на опојни дроги против управителот на правното лице У.Р.Г. (21) од Бугарија, поранешниот управител Љ.С. (35) од Ново Село, против правното лице како и против Б.И. (49) од Нов Дојран, Б.И. (25) од Струмица и Н.Г. (40) од Струмица.

Од страна на јавен обвинител од ОЈО Гевгелија е издадена наредба за одземање на околу 1390 килограми фалсификувана марихуана, околу 1630 килограми био маса со ТХЦ и околу 815 килограми марихуана со ТХЦ.
Исто така, од извршениот претрес и контрола утврдено е дека во правното лице пријавените управители пријавувале помала количина на сув цвет од реалната и констатирани се вишоци на марихуана.

 

Од страна на Комисијата при Министерство за здравство е изготвено решение за одземање на лиценцата за производство на марихуана за медицински цели на правното лице“, објави МВР.