Швеѓанецот Свен-Јеран Ериксон, еден од најпознатите и најуспешни фудбалски тренери во историјата, почина денеска во 8 часот на 76 години од рак на панкреасот.
„Се надевам дека ќе ме запомните како позитивно момче што се обидува да направи сè што може. Не жалете, смејте се. Ви благодарам за сè тренери, играчи, публика. Беше фантастично. Чувајте се и водете сметка за вашиот живот. И живејте го“, ќе рече во својата последна видео порака.
Во текот на неговата 42-годишна менаџерска кариера по завршувањето на играчката како одбранбен фудбалер само на 27 години Ериксон освои 18 трофеи, меѓу кои и некогашните Куп на УЕФА со Гетеборг во 1982 година и последниот Куп на победниците на куповите (КПК) со Лацио во 1999 година.
„Бев исклучително скромен дефанзивец, но ретко грешев“, ќе се опише себеси како играч.
Седум трофеи има освоено со Лацио, пет со Бенфика, четири со Гетеборг и по еден со Рома и со Сампдорија, а ги има водено и Фиорентина, Манчестер Сити, Лестер, Гуангжу, Шангај, Шенжен и на почетокот шведски Дегерфорш.
Пет години седеше на клупата на репрезентацијата на Англија, а ги водеше и Мексико, Брегот на Слоновата Коска и Филипини.
На вкупно 1.207 натпревари како тренер или селектор оствари 629 победи или 52 отсто, 308 нерешени и 270 порази.






