Законот за парнична постапка заглавен низ собраниските лавиринти, до кога?!

Законот за парнична постапка заглавен низ собраниските лавиринти, до кога не се знае. И додека не се донесе овој Закон, Организацијата на потрошувачите на Македонија како овластено тело не може да поднесе колективна тужба за граѓаните групно да издејствуваат отштета доколку им се нарушени правата не само пред банките, туку и осигурителните компании, друштвата за брзи кредити итн. Поради овие причини, според Маријана Лончар-Велкова, претседателка на ОПМ, засега се оди со индивидуални тужби пред судовите, кои не само што се скапи, туку и се одолговлекуваат.



Сепак, граѓаните кои веќе подолг период реагираат на превисоките сметки за струја, не може да сметаат на колективна тужба, бидејќи според Лончар Велкова, се работи за различни суми и судовите нема да може да им пресметаат отштета. Законот за парнична постапка подолг период се „влече“ низ кулоарите на Министерството за правда и откако го помина и второто читање во Собранието, тој во јануари беше повлечен од процедурата без никаков објаснување!? Затоа ОПМ инсистира на формирање на меѓуресорска група од министерствата за правда и за економија и труд, за што побрзо да се расчистат работите и Законот кончено да го види светлото на денот.

  • Во моментот македонските потрошувачи имаат помалку права од европските, бидејќи случајно или не, при донесувањето на новиот Закон за заштита на потрошувачите во него не беше вметната Директивата за претставнички тужби на ЕУ од 2020 година. Затоа и колективната тужба не е во функција, а Директивата покрива дури 64 разни области – објаснува претседателката на ОПМ.

Во моментот ОПМ поднесува индивидуални тужби против осигурителните компании кои лани преку ноќ ја поскапеа цената на полисите за автоосигурување. Тие им пружаат бесплатна правна помош на граѓаните и се надеваат дека пред македонските судови ќе докажат дека граѓаните се оштетени и треба да добијат поврат на средствата кои ги преплатија.

Колективната заштита овозможува да се добие надомест за сите потрошувачи кои претрпеле штета од некоја компанија. Таа потекнува од САД и е позната како ,,клас-екшн“, а се применува во заштитата на животната средина, потрошувачките и работничките права, дискриминација по која било основа и сл. Европските земји, беа обврзани да ги воведат колективните тужби од 2020 година, а оние земји кои сакаат да влезат во ЕУ, ќе мора да го сторат тоа во текот на евроинтегративниот процес.