„Вјоса Османи со право побара координација на Косово со Албанија за одбрана на интересите на Албанците во Илирскиот полуостров, со нагласка на Албанците во Македонија, кои се конститутивен народ во оваа држава.“ – изјави политичкиот аналитичар Милјазим Марај за косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“. Притоа, во истата статија овој весник потсетува на клучните ставови на претседателката на Косово Вјоса Османи, изнесени во нејзиното годишно обраќање во Собранието на Косово на 21 ноември 2024 година, кога со интонација на предупредување и закани кон Република Македонија имала кажано: „Секој обид да се поткопаат правата на Албанците во * Македонија ќе се соочи со решително спротивставување и цврсто единство од Албанците насекаде!“. Оваа изјава на косовската претседателка има дотолку поголема политичка тежина, што таа се изнесува во јавноста не случајно спроти претстојната седница на Уставниот суд на Македонија, кој ќе расправа околу три одредби од законот за употреба на јазиците. Едновремено, изјавата на косовската претседателка Османи е во голема, ако не и во целосна спротивност со констатацијата на косовскиот премиер Албин Курти дека „Косово нема ниеден проблем со * Македонија“, кој го кажа тоа на средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски на 18 ноември 2024 година, кога во Приштина се одржа и заедничката седница на владите на Македонија и Косово.
Инаку, весникот „Бота сот“ пишува: Претседателката Вјоса Османи во годишниот говор во Собранието на Косово на 21 ноември 2024 година се произнесе околу „вознемиреноста на Албанците во * Македонија дека се загрозуваат нивните права“.Таа имаше порачано дека „се ќе сторат, за да не се направи ниеден чекор назад“.
„Гледаме голема вознемиреност меѓу Албанците во * Македонија што се однесува до нивните права, здобиени со Охридскиот договор и јас сакам да ги уверам сите дека се ќе сториме, за да не се направи ниеден чекор назад, туку само да се оди напред. Албанците се конститутивен народ во * Македонија со решавачки придонес во демократизацијата и евроатлантската интеграција на земјата. Затоа, секој обид да се поткопаат нивните права ќе се соочи со решително спротивставување и цврсто единство од Албанците насекаде!“ – имаше кажано Вјоса Османи со тон на предупредување и директна закана кон Македонија.
Во своето годишно обраќање пред Собранието претседателката на Косово имаше порачано и дека „Косово и Албанија ќе се координираат, заради одбрана на правата на Албанците“. „Постојаната координација меѓу Косово и Албанија посебно за прашањата од надворешната политика и безбедноста, а над се за одбрана на правата на Албанците во целиот регион и насекаде, каде што тие живеат, е решавачка за нашиот успех и за одењето напред кон евроатлантското семејство, таму каде што ни е местото, кое и го заслужуваме.“ – нагласила Вјоса османи во косовското Собрание.
Политичкиот аналитичар Милјазим Марај ја поддржа Вјоса Османи, истакнувајќи дека таа „со големо право побарала координација со Албанија“. „Оваа координација е национална обврска. Почитувањето на Охридскиот договор за Албанците во * Македонија е национална обврска за Косово и Албанија, да се зафатат сериозно со проблемите на својот народ, кој се наоѓа и во другите држави.“ – посочил Марај во изјавата за „Бота сот“.





