Заев: Убеден сум дека референдумот ќе успее

Премиерот Зоран Заев верува дека во случај да се пронајде решение за спорот за името, македонските граѓани ан референдум истото и ќе го поддржат. Во изјава за бугарската телевизија „Нова“, тој вели дека очекува до средината на годината да се најде решение за 25-годишниот спор и на Самитот на НАТО во јуни да биде активирана поканата за членство на Република Македонија.



– Референдумот треба да биде дополнителна гаранција и за нашите пријатели од Република Грција бидејќи со тоа дефинитивно ќе се тргнат сите сомнежи, а народот ќе стои зад решението кое ќе биде прифатено. Убеден сум дека Македонците се подготвени за тоа. Но, сè уште сме во преговори и се надевам дека решението ќе го сочува достоинството на граѓаните и на Грција и на Република Македонија – вели Заев.
Тој потенцира дека и Скопје и Атина прават се да се отвори внатрешна дебата и да се изнајде решение прифатливо и за двете страни.

– Се надевам дека ќе се дојдеме до решенија кои се доволно прифатливи и за двете страни заради тоа што на крајот решението мора да го сочува достоинството и идентитетот на двете земји. Само така се градат пријателства и тоа мора да биде на една трајна и одржлива основа. Сето ова го кажувам заради тоа што ако бидеме паметни и мудри порано да го решиме проблемот, ќе успееме да ги фатиме и ваквите перспективи на овие одлуки – вели Заев.