Заев очекува Македонија со консензус да го поддржи Законот за јазици!

Македонскиот премиер Зоран Заев очекува Законот за употреба на јазиците да се донесе до крајот на јануари и „Македонија со консензус да ги поддржува ваквите европски решенија“!



„Правно-формалниот аспект на Охридски договор го заокружуваме со Законот за унапредување на употребата на јазиците. Законот ја помина првата фаза во Собранието, а вчера заврши дебатата на Комисијата за европски прашања, каде што по пат на разгледување на амандманите се заокружи и таа фаза. Сега оставаме на претседателот на Собрание да ја закаже и завршната фаза во Парламентот, каде што ќе се дискутира по амандманите и, конечно, ќе се гласа за Законот. Ја користам можноста да ги повикам сите политички партии да го поддржат овој закон, поради тоа што претставува еден модерен тренд, тренд на едно општество за сите, каде што, во согласност со Уставот, граѓаните од втората по големина етничка заедница, албанската, но и граѓаните од помалку бројните заедници во Република Македонија, ќе добијат реализација преку закон на уставното право за употреба на својот мајчин јазик. Итајќи кон Европа, апсолутно очекувам Македонија со консензус да ги поддржува ваквите европски решенија. Јас се надевам дека законското решение ќе биде донесено некаде до крајот на јануари, согласно агендата што ми ја претстави претседателот на Собранието на Република Македонија“, изјави Заев на денешната заедничка прес-конференција со албанскиот колега и домаќин Еди Рама во Поградец.