Заев: Немаме стигнато дотаму да разговараме за нови имиња

Македонскиот премиер Зоран Заев го оцени како предлог на медиумите известувањето на грчката телевизија Стар дека денеска во Брисел на маса е името „Нова Македонија“, додавајќи дека не е стигнато дотаму да се разговара за нови имиња.



„Веројатно, тоа е предлог на медиумите. Ние немаме стигнато дотаму да разговараме за некои нови имиња или слично. Она кое што веруваме дека овие денови ќе се разговара е потврдата на желбата на двете страни за суштествено да навлезат во решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име“, одговори Заев на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со својот косовски колега и домаќин Рамуш Харадинај.

„Ние од наша страна јавно го потврдуваме тоа. Тие се и инструкциите за нашиот преговарач и се надевам дека состанокот ќе заврши во позитивна атмосфера, за да можеме понатаму да очекуваме разработка на можни решенија на овој проблем“, додаде Заев.