Завршува мерката за замрзнатите маржи – не чека ново поскапување на производите?!

Идната недела завршува мерката за замрзнување на маржите на околу 70 производи, за кои се ограничи бруто профитната маржа на 10%. Есенската кошничка беше објавена на 20 септември, и опфаќаше ориз, брашно, тестенини, масло, млеко, јогург, млечни производи, зеленчук и овошје. Владата ја донесе на предлог на Министерството за економија и труд.



Дел од експертите се на став дека мерката не треба да продолжи. Спасот од високите цени го гледаат во Законот за нефер трговија, но прашањето е кој ќе контролира дека се почитува.

Ресорниот министер Бесар Дурмиши тогаш на прес-конференција рече дека со стапување во сила на оваа одлука се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалоци да се намалат во просек за околу 10 проценти. Неколку пати Државниот пазарен инспекторат објави за злоупотреби од страна на производителите на оваа мерка, и најавуваше жестоки казни.

Претходно и министерката за финансии Кочоска рече дека мерката да се ограничи бруто профитната маржа на 70 производи е преобемна и институциите немаат капацитет да прават проверки. Затоа и Кочоска се изјаснила дека не треба да се спроведува. Но, и покрај ваквите сугестии, министерот за економија Дурмиши е убеден дека мерката дава резултати. Пред неколку дена изјави дека производите поевтиниле во просек од 5 до 10 отсто при што едно четиричлено семејство заштедило од 700 до 1.360 денари. Тој планира вакви кошнички со други производи да има и за Божиќ, Велигден и Рамазан.