„Се заколнувам во семоќниот Бог дека ќе им бидам верен и предан на Македонската православна црква и на својата татковина Република Македонија! Се заколнувам дека ќе го почитувам и ќе го чувам црковниот Устав, оти ќе ги чувам чистотата на светото православие, црковните прописи и канони. Се заколнувам дека ќе го чувам автокефалниот статус на Македонската православна црква и оти нема да се согласам со никаква измена, што би се противела на нашиот Бог и на нашите интереси!“ – ова била речта на господин Михаил, Архиепископот Охридски и Македонски, која ја изговорил на денешен ден, на 4 декември 1993 година, по неговиот избор како четврти архиепископ на Македонската православна црква, откако била возобновена. Тој го остави заветот дека никој нема право да го премине прагот на „црвената линија“, со што би се нарушило достоинството на МПЦ и македонскиот народ и оти секој треба да се заложува за жива и здрава автокефална Македонска православна црква. Роден е на 20 мај 1912 година во Ново Село, Штипско како Методи Гогов, а починал на 6 јули 1999 година. Михаил бил свештеник и вероучител, даровит црковен говорник и мудрец. Останал запаметен по неговите прекрасни беседи. Тој е единствениот духовник, на кој му било понудено местото претседател на Република Македонија.
Рани години
Уште како шестгодишно дете, по желба на неговата мајка Санда, редовно ќе ги посетува богослужбите и ќе се грижи за чистотата на црквата. По завршувањето на основното образование, тој во 1927 година се запишал во богословијата во Битола. Во 1932 година заминал на студии во Белград на Богословскиот факултет, каде што дипломирал во 1936 година како најдобар студент во генерацијата. Како авторитет меѓу студентите влегува во редовите на македонскиот кружок за да биде назначен за секретар на студентското здружение на Богословскиот факултет, а го подготвувал и студентското теолошко списание како главен уредник. По дипломирањето Методи Гогов присилно бил мобилизиран во српската војска, при што неколкупати бил осудуван од Воениот суд. Пред војната дошол во Штип и кратко време предавал веронаука во штипската гимназија, но со судска казна за дела против интересите на кралот и кралска Србија, набргу бил депортиран во Ужице, за да предава српска пропагандна веронаука.
Пред почетокот на Втората светска војна се вратил во родниот крај и станал парохиски свештеник во црквата Св. Никола и хонорарен вероучител во гимназијата. Учествувал во Народноослободителната војна, најнапред во позадината, а при крајот на војната бил член на АСНОМ и се наоѓал во Горно Врановци, при Главниот штаб. По војната Методи Гогов патува низ Македонија и ги образова духовните одбори, наместо дотогашните архиерејски намесништва. Заедно со протоереите Кирил Стојанов и Никола Апостолски, го организираат одржувањето на Првиот црковно-народен собир во Скопје на почетокот од март 1945 година, на кој присуствувале 300 учесници, свештеници и мирски лица. Тогаш едногласно била донесена одлуката за обновување на Охридската архиепископија.
Осудуван поради залагањата за автокефалност на МПЦ и за националната и духовна слобода на македонскиот народ
Михаил се залагал за автокефалност на МПЦ, па двапати одлежал повеќе од шест години затвор. Бил осуден и затворен од тогашната власт, заради идеите за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ. По шест месеци бил ослободен, но за кратко. Во 1948 година повторно бил уапсен и осуден на 5,5 години затворска казна. И покрај сите притисоци и закани да се откаже од свештеничкото служење, Михаил останал цврст во своите ставови и продолжил да служи како свештеник во Скопје.
Михаил бил меѓу првите мисионери во Австралија, во првата македонска православна општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн. Бил испратен во 1966 година, а се вратил при крајот на 1970 година. По неговото враќање бил назначен како ректор на Македонската православна богословија, каде предавал англиски јазик, омилитика (црковно говорништво) и пастирско богословие. Покрај англискиот, зборувал француски и руски. Се служел со повеќе живи класични јазици. Од 1972 година бил генерален секретар на Македонската архиепископија. Како архијереј бил хиротонисан на 25 декември 1988 година. Неговото Блаженство господин Михаил е познат по тоа што не сакал да ги чита своите богослужбени слова. Останал запаметен по неговото говорништво, со кое ги надминувал сите архиереи.
Како Архиепископ Охридски и Македонски на Македонската православна црква водел преговори и со претставници на Српската православна црква за воспоставување на духовно единство меѓу двете цркви. Како надлежен и за Американската епархија Михаил успеал да ги прибере големиот број на верници, да ги надмине сите спорови, а со тоа да овозможи оваа епархија да заживее со полн црковен живот. Тој не отпатувал и во Австралија, затоа што не сакал да биде пречекан од поделените, туку од сите обединети верници Македонци. На 6 јули 1999 година Архиепископот Охридски и Македонски Михаил мирно ќе замине во Небеското царство. Погребан е во црквата „Св. Наум Охридски“ во Радишани. Како негов наследник на тронот на Македонската православна црква е избран Архиепископот Охридски и Македонски Стефан.
Користени извори: статии на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и „Македонска нација“





