За што граѓаните до гуша се „заглавени“ в банка со кредити?! 

На желбите им нема крај, поготво кога станува збор за задолжувањето. Македонските граѓани најмногу се „заглавени“ во банка за потрошувачки кредит, ама подолг период наназад се повеќе сакаат да земат кредит за купување на стан. Така накусо изгледа најновата состојба на задолженост на домашното население, која се однесува заклучно со март оваа година, а беше претставена преку податоците на Народна банка на Македонија, објави Фактор. Па така, вкупниот граѓански борч по основ на потрошувачки кредити на крајот на третиот месец од годинава се доближил опасно до две милијарди евра, или прецизно, изнесува 1,949 милијарди евра. Во однос на еден месец претходно, или во однос на февруари, потрошувачките кредити се зголемени за некои скромни осум милиони евра, а се речиси на идентично ниво колку што изнесувале во декември лани, односно на крајот на минатата година.



Или, од Народната банка пресметале дека во март годинава во однос на март лани, кај потрошувачките кредити има зголемување за 5,8 отсто, односно таа е годишната стапка на раст на овие кредити, додека, пак, месечната стапка на промена е пораст од само 0,4 проценти. Да видиме сега каква е состојбата на станбените кредити, согласно последно објавените податоци од централната банка.

Таа говори дека граѓаните преферираат кога веќе се задолжуваат, да земат се повеќе станбен кредит, односно да си го обезбедат сопственото место на живеење, или, пак, што е веќе се почесто како практика, да купат стан како своевидна инвестиција, иако тој во моментот не им е преку потребен.

Како и да е, на крајот на март домашното граѓанство по основ на станбени кредити должело 1,391 милијарди евра, што во однос на еден месец претходно е зголемување за 14 милиони евра. А, дека задолжувањето на граѓаните по основ на станбени кредити се повеќе расте, говори споредбата на земањето нови вакви заеми во март во однос на крајот на минатата година. Односно, за три месеци порастот во апсолутна бројка изнесува дури 27 милиони евра. Односно, тоа е новиот износ на долг во кој влегло домашното население, пари кои во следните 10 до 25 години ќе им ги враќа на домашните банки.

Од НБМ пресметката говори дека во март годинава во однос на март лани има двоцифрена годишна стапка на раст на станбените кредити, односно таа изнесува 10,4 отсто, додека, пак, не е лоша и месечната стапка на раст во март во однос на февруари, и таа изнесува еден процент.

А, за воља на вистината, и банките навистина сакаат да дподелуваат станбени кредити, па во тој дел постојано има кампањи, со пристојни фиксни каматни стапки кои се одобруваат и на подолг период, и всушност во овој дел му се презентираат повеќе опции на клиентот, па тој има можност да бира која ќе ја прифати. Исто така, кампањите одат и во насока за клиентот да не мора да ги плаќа нотарските трошоци, кои и не се така ниски, туку тоа го плаќа банката, а тоа е нешто што ппорано не можеше ни да се замисли.

Кога станува збор за автомобилските кредити, пак, очигледно е дека тие практично како да не ни постојат како банкарски кредитен производ, па по основ на такви заеми граѓаните должат само шест милиони евра, износ кој речиси постојано е идентичен.

 Кредитните картички и минусите се очигледно нешто без што не се може, но граѓаните не сакаат да глават премногу во овие кредитни производи, а и зошто би, кога нивните каматни стапки се екстремно високи, па неодамна го достигнаа дури и плафонот од 14 отсто годишна камата. Повеќе на Фактор.мк.