Неверојатна е неподносливата леснотија со која македонската јавност ги жигосува своите владини и опозициони „чеда“ , (во зависност кој и каде е сега) и колку културата на обичниот поединец падна под нивото на џебно, скратено издание на култниот „Бон Тон“.
Патор, аболициран, Гвујо, Зајко, пастир, црпнат и да не набројуваме, станаа дел од најновиот македонски вокабулар паралелно со термините Хорхе, фикус и други термини кој овој портал никогаш нема да ги употреби.
Двата табора, плус разединетиот албански блок, не штедат грди зборови и навреди во „дијалогот“ со противникот.
Психолозите велат дека пцуењето кај луѓето е резултат на немање валидни аргументи против противникот а најавата за виртуелен секс со женски членови на противникот и навредите, се всушност, непризнавање на сопствената интелектуална импотенција и најниското ниво на комуникација.
Политиката е пазар каде преовладуваат интереси, но некои ја сфаќаат како поле за некултурна размена на навреди кога фактите и на едните и на другите се сведуваат на беспотребни провокации, неиздржани клевети, непочитување на презумпција на невиност. И кога на на политичкиот опоненет му се лепи етикет „криминалец“ или кога против актуелниот политичар (аболициран) се оди со надмината военополитичка техника.
Тоа е реалноста во која живеат и нашите деца и внуци иако ги третираме како „маргинализирна група“ која живее во својот детски свет. Но, тие гледаат се и неретко не имитираат.
Тие слушаат и гледаат како транспарентно не покажуваме минимална култура и однос ни кон индивидуи, ни кон функцијата што ја вршат, ниту пак кон институциите на чие чело се.
И, оди сега кажи им на децата од предучилишна, училишна или средношколска возраст дека треба да ги почитуваат учителите, наставниците, професорите, белиот мантил во болниците, сината униформа на улиците, постарите лица во автобус, шефот на работното место… кога вредносниот систем на општеството е сведен на непочитување на институциите на чие чело не стојат по дифолт признати авторитети туку Црпко, Пастир, Хорхе и други.
Затоа утре не треба да се чудиме кога и ние ќе станеме “идиоти, дебили, глупаци или ненормални” а не почитувани родители, колеги, комшии и пријатели.





