За Османи нема македонска, туку дипломатија на Република Северна Македонија

Министерот за надворешни Бујар Османи работи утре попладне ќе разговара со грчката заменик-министерка за надворешни работи Александра Пападопулу за актуелни билатерални прашања. Таа е во Скопје на состанокот на министрите за надворешни работи, што се одржува по повод македонското едногодишно претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Османи денеска на прес-конференција рече дека досега во МНР не добиле ниту една официјална реакција или нота од Грција поради тоа што претседателката Гордана Сиљановска Давкова го користи името Македонија без придавката Северна.
На новинарско прашање дали е забрането да се користи името Македонија според Преспанскиот договор, тој рече дека употребата ерга омнес е јасна.



Во врска со членот 7 од Договорот, каде што се наведува како двете страни може да ги користат термините Македонија и македонски, Османи рече дека нема простор за различни интерпретации.

На новинарско прашање за македонската дипломатија, Османи ја коригираше новинарката и порача дека тоа е дипломатија на Северна Македонија.

Според член 7 од Преспанскиот договор, разбирањето на термините Македонија и македонски е различно за двете страни, се однесува на различен историски контекст и културно наследство, при што „за втората страна овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни од оние на првата страна“.

Мандатарот Христијан Мицкоски, пак, денеска на новинарско барање за коментар на препораките од САД и од Франција да се почитуваат меѓународните договори, рече дека договорите треба да се почитуваат, но тоа е двонасочна улица.