Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов осомничен за сериозни финансиски злоупотреби е спроведен вчера попладнето во 30-дневен притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Притворот му е одреден, поради опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото. Претходно беше поднесена кривична пријава против бизнисменот со текстил Крмзов и уште 22 други физички, како и против и 15 правни лица во врска со случајот со злосторничкото здружување, во кој буџетот на државата бил „олеснет“ за 5, 8 милијарди денари, или 94,3 милиони евра, Од буџетот биле извлекувани пари по основа на данок на додадена вредност преку измислени лица од Косово. Во злосторничкото здружување биле вклучени дури и инспектори од Управата за јавни приходи, управители на правни лица, како и овластени сметководители. Плусинфо објави дека Ристо Крмзов како бизнисмен долги години профитирал како резултат на блиските врски со политички и еконoмски центри на моќ. Тој е близок со кланот на Заеви.
Под параванот на легален профит, преку фиктивно прикажување на добивки и симулирано плаќање на даноци, се изведувал организиран поврат на данок на додадена вредност. Всушност се работи за системско државно ограбување и институционализирана злоупотреба под заштита на одредена политичка и бизнис-елита. Главното прашање, кое претстои да биде разоткриено, е: кој е главниот на оваа политичко-криминална структура со пуштени длабоки корени?
Со помош на фиктивни фирми, непостојни физички лица од Косово и други земји, се оформувале лажни трансакции, само како параван за изигрување на законот. Нелегално стекнатите средства, преку монтирани државни исплати, завршувале во приватни џебови, а потоа се переле и легализирале преку градежниот сектор, кој со години бил канал за перење пари.
Кои се досегашните сознанија на надлежните државни органи? Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Р.К.(56) , З.К.В.(30) и В.П.(29), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“, против Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), K.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59), сите од Струмица, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночна измама“, против С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против 15 правни лица од Струмица за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“.
„Пријавените Р.К., З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување. кон кое се приклучиле Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф. – управители на пријавените правни лица, С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г. и А.К. – инспектори од УЈП и М.К., М.М., Е.Т., З.М. – овластени сметководители, кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, а на штета на државниот буџет. Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители“, информира МВР.
Организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП, велат од полицијата.
Со наведените дејствија пријавените оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 5 милијарди и 801 милиони денари, или околу 94,3 милиони евра на штета на државниот буџет.
Home Македонија За Крмзов 30 дена притвор, но кој е главниот на злосторничката криминално-политичка...




