За Коѕијас договорот од Преспа бил како бебе на кое сите му се радуваат, но не направиле доволно за да го заштитат

Екс министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас признава дека ни ветиле влез во ЕУ ама не го испорачале тоа.



Коѕијас на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор зборуваше за постигнувањето на Договорот и негова идна имплементација, напоменувајќи дека тој Договорот доведе до членство во НАТО и требаше да обезбеди членство во ЕУ за земјава.

„Влезот во ЕУ за Северна Македонија беше ветен. И што направи ЕУ? Прво француското вето, за менување на методологијата, па потоа дојде ветото од Бугарија. Што треба ние сега да сториме? Дали да ѝ речеме на Бугарија ние вас нема никогаш да ве пуштиме во Шенген додека не го кренете ветото за Северна Македонија? Ова е добар предлог и треба да се размисли. Но дали е тоа начин? Да се фокусираме на кавги наместо на заеднички напредок?”, рече Коѕијас на панел дискусијата.

Коѕијас зборуваше и за начинот на имплементација на Договорот од Преспа и истиот го спореди со бебе.

„Договорот е како бебе на кое сите му се смешкаат и радуваат, но ние не направивме доволно за да го заштитиме и растеме”, рече Коѕијас.
Тој зборуваше и за постапките на новата македонска претседателка, Гордана Сиљановска – Давкова истакнувајќи дека таа како поединец има право да ја нарекува државата Македонија, но како институција има обврска да го почитува Договорот. Сиљановска – Давкова кога даваше заклетка ја изостави придавката „Северна“. Договорот од Преспа, македонските и грчките власти го потпишаа на денешен ден во 2018 година