Брисел засега не го коментира ставањето европско знаменце на предлог законот за употреба на јазиците,односно означувањето на законот како дел од европската легислатива.
Европската Унија е информирана дека владата го усвои предлог-законот и дека планира да го достави до Собранието, изјави за агенцијата „Мета“, Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската Унија.
На прашање дали Европската Унија инсистира да се усвои и да се имплементира ваквиот закон, Коцијанчич вели дека законското решение треба да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија.
Го поздравуваме фактот што Владата во својот план „3-6-9“ се обврза да се консултира со Венецијанската комисија за нацрт-законот и очекуваме дека ќе се разгледаат препораките на таа комисија – вели Коцијанчич за „Мета“.
ВМРО ДПМНЕ побара да се повлече законот бидејќи, според пратениците на оваа партија, европското знаменце се злоупотребувало во партиски цели од страна на парламентарното мнозинство за да се протурка законско решение кое би било противуставно.




