За ЕК референдумот во Каталонија не е легален, за Мадрид – тој не се ни одржал

За Европската комисија, вчерашниот референдумот во оваа шпанска провинција е внатрешно прашање на Шпанија кое треба да се разгледа во согласност со уставниот поредок на земјата.



Но, според шпанскиот устав – референдумот е нелегален, стои во соопштението на ЕК.

Ја повторуваме правната позиција на оваа Комисија, како и на нејзините претходници. Доколку референдумот требаше да се организира во согласност со шпанскиот устав, тоа би значело дека територијата што ќе замине ќе се најде надвор од Европската унија, се вели во соопштението на ЕК.

Европската комисија смета дека „ова се времиња за единство и стабилност, а не за поделби за фрагментации“.

Каталонската влада објави дека 90,9 отсто од граѓаните гласаа „за“  независност на Каталонија на референдумот на кој се појавиле над 42 отсто од регистрираните гласачи.

Премиерот на оваа шпанска покраина, Карл Пуџдемон, прогласи победа на опцијата за независност. Тој истакна дека е тоа било чин за едногласно прогласување независност.

Регионалните власти, објавија дека 7,87 отсто, или 176.565 гласачки ливчиња, биле  против независнот, односно за останување под управа на Мадрид.

Во Каталонија има 5.340.000 лица со право на глас од вкупно 7,5 милиони жители , а на референдумот излегле  помалку од половина, односно 2.020.144 кои гласле, „за”.

Портпаролот на каталонската влада соопшти дека акцијата на шпанската полиција спречила околу 777.000 жители на Каталонија да го остварат своето право на референдумот.

Во текот на вчерашниот ден, имаше големи немири, а повеќе од 800 луѓе беа повредени во судир на народот со полицијата контролирана од Мадрид.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој се обрати на јавноста и нагласи дека „не се одржал“ никаков референдум и потсети дека според Уставниот суд на Шпанија, изјаснувањето на граѓаните на Каталонија е неуставно.