За една година живеачката поскапела за близу 4%

Индексот на трошоците на живот за октомври во споредба со септември покажува намалување од 0,7 проценти, додека цените на мало се намалени за 0,1 процент, објави Државниот завод за статистика.



Во споредба со октомври 2023 година, трошоците на животот пораснале за 3,5 проценти, а малопродажните цени за 3,9 проценти.

Според ДЗС, падот на инфлацијата во октомври 2024 во однос на септември 2024 се должи на намалените трошоци за живот во одредени групи, како: Храна и безалкохолни пијалаци (намалување од 2,2%), Ресторани и хотели (1,5%) и Рекреација и култура (0,9%). Во истиот период е забележан пораст на трошоците за живот во групите: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици (3,4%), Облека и обувки (1,4%), Транспорт (0,7%), Здравје (0,3%), Домување, вода, електрика, гас и други горива, разновидни стоки и услуги (0,2%) и Мебел, покуќнина и комуникации (0,1%).

Драстично поскапување има и на минералната вода безалкохолни пијалоци и соковите од овошје и зеленчук и тоа за над  12 отсто. Идентично поскапување има и кај кафето, чајот, и какаото.  Од  статистика прсметале и дека на месечно ниво  има минимално намалување на трошоците  од 0,7 отсто. 

  • Трошоци за живот: Храна и безалкохолни пијалаци 3,3%. Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици 9,4%. Здравствена заштита 5,1%. Ресторани и хотели 10,07%. Зеленчук 11,9. Минерална вода, безалкохолни пијалаци, сокови од овошје и зеленчук 12,1. Кафе чај и какао 11,8%.

Извештајот покажува дека на годишно ниво цените на мало се зголемени за 3,9 отсто а пак на месечно ниво има намалување за 0,1 отсто. Граѓаните пак, велат дека владината мерка за подобрување на куповната моќ на граѓаните донела многу мали резултати и веднаш по завршувањето цените на производите повторно се покачиле.

Трошоците за образование остануваат непроменети во споредба со претходниот месец.