За „грчкоста“ на Македонија се огласи и поранешниот крал Константин  

„Ние сме, можеби, блиску до историски момент за Грција. Во време кога сме повикани да го браниме она што Македонија значи од антиката до денешен ден“ – изјавил поранешниот грчки крал Константин.



Во изјава што ја пренесува „Катимерини“ тој вели дека „грчкоста на Македонија не е компромитирана од изборот на име. Но, за нашето право на чест, за симболиката на ова име и за сеќавањето на оние што се врежани во грчката душа, не може да се преговара само врз основа на географски дефиниции и други описи“.

Тој посакува, политичкото раководство да успее да постигне баланс што ќе биде потребен во наредните недели, порака, веројатно упатена до политичките партии кои се разединети околу тоа како треба да се реши проблемот со името со северниот сосед.

Кралот Константин беше принуден да се откаже од престолот во 1973 година кога е укината монархијата во Грција. Тој на престолот беше од 1964 година до моментот кога ја напушти земјата.