Амбасадорот на Албанија во Македонија Денион Мејдани одржа средба на 13 фебруари 2025 година со потпретседателот на ДУИ Бујар Османи. На фејсбук по оваа средба албанскиот дипломат напиша дека „ДУИ е е заевропска сила“ и оти „интеграцијата и напредокот бараат визија и посветеност’. Информација за оваа средба објави ТВ Клан Македонија, која ја пренесе објавата на амбасадорот Мејдани на општествената мрежа. Претходно, на 29 јануари годинава овој албански дипломат во Македонија одржа средба во амбасадата на неговата земја во Скопје со Шаип Камбери, пратеник од Прешево, од југот на Србија, во српскиот парламент, по што „Алмакос“ и информативната агенција „Журнал“ објавија: „Амбасадорот Мејдани постојано одржува средби со политичкиот, економскиот и културниот чинител во земјата. Изгледа дека тој станува чинител на обединување на сите Албанци во Балканот!“ Со своите постапки и изјави активности Мејдани наметнува сериозно прашање, на кое треба да даде соодветен одговор: која е целта на неговата амбасадорска активност во Република Македонија? Дали повторно албанскиот амбасадор во Македонија ги надминува ограничувањата во неговите дипломатски активности и изјави, кои се пропишани со меѓународните конвенции? Оваа дилема е дотолку поизразена, имајќи предвид дека Денион Мејдани на 10 октомври 2024 година веќе се обиде да ѝ дели на Република Македонија „уставно-правни поуки“ околу правичната застапеност, кога го „потсети“ и Собранието „кои закони треба да донесе“. Во изјава со призвук на мешање во внатрешните работи на друга суверена држава, на Република Македонија, тогаш албанскиот амбасадор имаше изјавено: „Прашањето за правичната и соодветна застапеност треба да биде предвидено и да биде гарантирано со амандмани во уставот, како и механизми, потребни за спроведување на тоа. Овие состојби мора да се решат. Сега преостанува должноста на сите јавни институции да го почитуваат Уставот и да ги гарантираат сите предвидени права, вклучително и правото на правична и соодветна застапеност. Должност е на оваа легислатива да предвиди какви закони се потребни, заради натамошно подобрување во поглед на спроведувањето и гарантирањето на овие права во оваа земја.“
Инаку, по средбата на 13.2.2025 година со Бујар Османи од ДУИ Денион Мејдани напиша: „Го пречекав потпретседателот на ДУИ Бујар Османи. Вреден разговор за последните случувања во земјата и регионот, за одличните односи меѓу двете земји и соработката во духот на европската интеграција. Разговаравме и за придонесот на ДУИ во процесите на демократизација како заевропска политичка сила и за важноста да се зајакнува партнерството, за да се движат напред заедничките цели. Интеграцијата и напредокот бараат визија, посветеност и силна соработка.“
По октомвриската средба со прешевскиот пратеник во српскиот парламент Шаип Камбери, одржана во просториите на албанската амбасада во Скопје, покрај другото, Мејдани имаше изјавено: „Во текот на разговорот разменивме мислења за најновите случувања и предизвици. Беше истакната важноста на дијалогот и соработката. Отворена расправа за прашања важни за иднината“.





