Ни предлогот „Нова Македонија“ без превод за ново име на северниот сосед е неприфатлив за 77 проценти од анкетираните Грци од агенцијата „Метрон анализис“, покажуваат резултатите објавени во денешниот број на весникот „Та неа“.
Референдум бараат 61 отсто од учесниците во анкетата ако се дојде до заемно прифатливо решение за името на македонската држава.
Точно половина, односно 50 отсто од прашаните, сметаат дека има простор за прифатливо решение.
Во рамките на истото испитување на јавното мислење опозициската Нова демократија доби за 10,5 проценти поголема поддршка отколку владеачката СИРИЗА. За партијата на Кирјакос Мицотакис во моментов би гласале 35,4 отсто од избирачите, а до двоцифрена поддршка се доближи партијата во формирање Движење за промени, составена од некогаш владеачкиот ПАСОК и уште неколку помали партии со централнолевичарска идеологија, стигнувајќи до 9,8 отсто.





