„Журнал“: Занимавајќи се со Русија и Путин, албанските партии забораваат на сиромаштијата на граѓаните

„Граѓаните на * Македонија се соочуваат со многубројни и секојдневни проблеми, а албанските партии избраа да се судираат се повеќе и повеќе на темата Русија. Русија стана централна тема на политичката расправа, а граѓаните запаѓаат во се подлабока сиромаштија, младите заминуваат во странство, економијата опаѓа во многу сектори, а се случуваат и други проблеми. Корупцијата цути, опаѓа и довербата во судството, а сомнителните тендери се множат уште повеќе. Сево ова би морало да биде во центарот на вниманието, а не да се троши сиот потенцијал во врска со ‘Русија’.“ – нагласува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Занимавајќи се со Русија, албанските партии забораваат на маките на граѓаните во Македонија“.



„Вреди“ го прогласи како „безвреден“ заамериканизмот на ДУИ

Покрај другото, „Журнал“ пишува: Албанската опозиција става нагласка на средбата на претседателскиот кандидат од ДУИ Бујар Османи, кој на самитот на ОБСЕ во Скопје се сретна со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. „Тој му беше домаќин на Лавров и беше првиот и единствениот, кој ѝ отвори врата на Русија да дефилира низ Европа по нејзината агресија во Украина. Лажниот заамериканизам на на ДУИ го носи името Сергеј Лавров гостин на Бујар Османи“. – обвини „Вреди“.

Според албанската опозиција, колку повеќе минува времето, толку повеќе јакне убедувањето дека слоганот на ДУИ „Да за Европа – не за Русија“ во себе го крие стравот да не се разоткријат вистинските руски врски на ДУИ. „Поранешната претседателка на општина Тетово и довчерашна потпретседателка на ДУИ Теута Арифи останува и натаму запомнета како соработничка на бизнисменот соруски врски Дака Давидовиќ, кој е на американската ‘црна листа’. Теута Арифи е одбиена како кандидатка за амбасадорка во САД и во Брисел, во ЕУ, токму поради овие пропусти. Високи експоненти на ДУИ се луѓе осомничени за поврзаност со противамерикански кругови и за тоа постојат факти. Приказната со руското страшило повеќе служи како показател дека ДУИ подготвува политичка криза, за да го спречи признавањето на сигурниот изборен пораз. На 8 мај вечерта ќе заврши празното зазападно зборење.“ – нагласува албанската опозиција во едно од своите последни соопштенија.

ДУИ е „вознемирена“ поради тоа што опозицијата се „координира“ со Левица и ВМРО-ДПМНЕ

БДИ ја искажува својата „вознемиреност“ поради обвинувањата на опозицијата, па дури во нив гледа координација на коалицијата „Вреди“ со Левица и ВМРО ДПМНЕ. „ДУИ со голема вознемиреност ги следи обвинувањата, клеветите и навредите, кои ги упатува опозицијата кон претседателскиот кандидат Бујар Османи и премиерот Талат Џафери. ДУИ алармира дека се подготвува руско сценарио, кое ќе се стреми кон предизвикување политички немири по 8 мај. Ги повикуваме албанската и македонската опозиција да водат кампања во согласност со европските и демократските вредности, бидејќи се што е против тоа ќе значи одалечување од Европската унија и приближување кон Москва на Владимир Путин.“ – се посочува во реакцијата на ДУИ.