„Во Бугарија царува мафијашки менталитет и ендемска корупција. Има нешто незрело, нешто како однесување на слаб ученик, што може да ве натера да се смеете. Донесувањето на антикорупциски закон, само неколку дена пред почетокот на ротирачкото претседателство со Европската унија е преизнасилено…“



Ова се вели во сеопфатната анализа на водечкиот француски „Журнал ди диманш“ за ситуацијата во Бугарија, земја која од 1 јануари претседава со ЕУ.

Без оглед каков ќе биде ефектот од овој закон, се вели  понатаму во анализата, откако бугарската влада презеде бројни мерки и одредби и формираше Комисија за борба против ова зло, корупцијата сé уште го шокира Брисел и ја става Бугарија меѓу трите најкорумпирани земји во ЕУ.

„Бугарија е мала Русија. Царува мафијашки менталитет и никогаш не ги исполни барањата од поставените критериуми“, пишува францускиот неделник.

Мора да се признае дека оваа мала земја не направила никаков напредок ни 10 години по пристапувањето во ЕУ. Во ноември, Европската комисија во својот последен извештај истакна дека од јануари 2017 година ништо не се променило.

„Борбата против корупцијата е област со најмал напредок во последната деценија, и покрај постоењето на механизмот за соработка и верификација“.

Во 2016 година во еден друг извештај на Центарот заследење на демократијата се вели дека секое петто возрасно лице се соочува со корупција – плаќање или примање поткуп.

Според „Репортери без граници“ Бугарија падна од 35 место, што го делеше заедно со Франција во 2006, на 109 место по слобода на говорот од 180 држави во 2017 година, пренесува БГНЕС пишувањето на францускиот весник.

Ова е најлошото место во рангирањето на една земја-членка на ЕУ.