„Македонија повторно твоја’ значи помилување и заштита за секој македонски криминалец и терорист од 27 април, што го прекршува Уставот, а прогон и затвор за Албанците и кога го прославуваат својот национален празник 28 ноември!“ – со овие жестоки етнички провокации, упатени не само кон Владата на Република Македонија, туку и кон Македонците како народ во целина, се огласи крилото на Зијадин Села во Алијансата за Албанците, во своето соопштение, кое го наслови како „Помилувањето на организаторите на 27 април и прогонот на Албанците, (не)правдата, која ја донесе Владата на Вреди-ВМРО ДПМНЕ“. Информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“ го пренесе ова соопштение, кое е уште еден јасен показ дека Села и неговите истомисленици и сопартијци дефинитивно го загубиле компасот во политичкото дејствување, па сега, наместо да реализираат опозициски политички активности, тие завлегуваат во водите на опасните етнички провокации и создавања меѓуетнички тензии.
АА на Села изнесува: „Правда’ за оваа Влада во суштина значи неправда. Криминалците и терористите се ослободуваат, додека невините граѓани се казнуваат, Македонците се ослободуваат, а Албанците се казнуваат. Ваквата практика, која започна со одлуките на директорот на затворот за ослободување на дел од напаѓачите од 27 април, со судските одлуки за ослободување на други, денеска се потврди и со помилување на организаторите на ‘27 април’. Од друга страна, има наметнување казни за Агим Ислами и непочитување на супервештачењето, кое ја докажува неговата невиност. Има и апсење на Албанците на 28 ноември. Сево ова покажува каква ‘правда’ ни донесе Владата на Вреди-ВМРО ДПМНЕ.“
Фракционерите на Села во АА уште тврдат: „Македонија повторно твоја’ ззначи помилување и заштита за секој Македонец, што го прекршува Уставот, а прогон и затвор за Албанците и кога прославуваат. Денешната одлука за помилување на организаторите на 27 април ја закопа правдата, ја загрозува европската иднина на земјата и ги поткопува меѓуетничките односи. * Македонија конечно се враќа во 90-тите, а сето тоа се случува благодарение на вазалството на некои Албанци, кои за лични позиции се согласија да го изведат најопасниот проект за Албанците особено и за граѓаните на државата воопшто.“





