Жесток напад на Пацоли врз „арогантниот и примитивен кабинет“ на Османи дека е „виновен за нејзините последни скандали“

„Беџет Пацоли, поранешниот претседател на Косово и сегашен лидер на косовската партија Алијанса за Ново Косово, ‘експлодира’ жестоко, откако беше нападнат од кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи. Според Пацоли, ‘последните скандали на претседателката Османи се резултат на незнаењата и ароганцијата на нејзиниот персонал’. Пацоли предупреди дека ‘ако продолжат вака, ќе објавува секој ден по еден напис, за да сфати подобро јавноста кој е русољубец и србољубец’.“ – објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.



Пред оваа реакција на Пацоли Ринор Нухиу, советник на претседателката Вјоса Османи, изјави дека Пацоли го оправдал „бруталниот напад врз Косово“. ‘Неговите толкувања за привилегии и имунитетите се типични за бизнисмен под влијание на русољубната зредина. Затоа тој ги игнорира меѓународните конвенции, кои го регулираат патувањето на шефовите на држави и кои се почитувани во секоја друга земја, каде досега патувала претседателката Вјоса Османи.’ – напиша Ринор Нухиу во една објава на фејсбук.“

„Бота сот“ ја пренесува жестоката реакција на Пацоли преку фејсбук кон кабинетот на косовската претседателка Османи: „Неколку пати бев цел на навреди од соработниците на претседателката Османи, иако во повеќето случаи сум им помагал. Последните скандали на претседателката на Косово Вјоса Османи се резултат на незнаењето и ароганцијата на нејзиниот персонал! Ако продолжат вака, секој ден ќе објавувам по еден текст, за да разбере јавноста подобро кој е русољубец и србољубец, како што велат тие. Јас имам да кажам многу работи.“

Беџет Пацоли напиша дека „неблагодарните и арогантни луѓе „често се резултат на ниско рамниште на образование“. „Во општество каде што поттикнувате, или промовирате екстремен ИНДИВИДУАЛИЗАМ и го нагласувате ЕГО-то на луѓето, без разлика кои се тие, таму се создава атмосфера, во која луѓето развиваат арогантни ставови со недостаток почит кон другите. Овие луѓе, познати и како ‘грабливци’, ‘предатори’, често ги напаѓаат другите луѓе, пројавувајќи прекумерна ароганција и примитивизам.“

Инаку, како што објави „Експрес“ пред два дена, поранешниот претседател на Косово Беџет Пацоли, кој е и еден од најбогатите Албанци во Балканот и светот, ја нападна сегашната претседателка Вјоса Османи дека „немала никаков дипломатски имунитет да одбегнува безбедносна проверка на аеродромот во Скопје“!  Повикувајќи се на свој директен разговор при патување со шефот на Одделот за безбедност на патници при Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) од Торонто, Пацоли на фејсбук имаше напишано дека тој висок функционер на ИАТА „му потврдил дека не постои ниеден тип на имунитет, што може да го оправда одбегнувањето на контролата на секој патник, кој лета со авион, поврзано со инцидентот со претседателката на Косово Вјоса Османи на  аеродромот во Скопје.“.