ЕУ ќе даде датум за проширување, но нема да увезува спорови

ЕУ се подготвува да го „запечати“ крајниот рок – 2025 година за следниот бран на проширување, но споровите на Балканот би можеле да ги забават работите.



„Партнерите од Западен Балкан сега имаат историски ‘прозорец на можности’. За прв пат, нивната перспектива за пристап има најдобра временска рамка”, се вели во документот за стратегија што треба да биде донесен на 7 или 14 февруари.

Со силна политичка волја, со испорака на вистински реформи и трајни решенија за споровите со соседите, Црна Гора и Србија треба да бидат подготвени за членство до 2025 година, се додава во текстот, според сознанијата од драфтот на документот на кој се повикува ЕУОбсервер.

Целта е, исто така, Албанија, БиХ, Македонија и Косово „дотогаш добро да напредуваат на нивниот европски пат“, односно нивните „преговори … треба да бидат добро напреднати“.

ЕУОбсервер воочува промена во тонот откако шефот на комисијата Жан-Клод Јункер во 2014 изјави дека во догледна иднина нема да има проширување на ЕУ.

Србија и Црна Гора веќе ги отворија разговорите за пристап, а Албанија и Македонија се надеваат дека ќе го направат тоа оваа година, доколку Македонија може да го реши спорот околу името со Грција.

Босна се стреми да добие кандидатски статус на ЕУ, додека Косово размислува формално да побара да стане кандидат.

Во документот на Комисијата се предупредува дека „ЕУ не може и нема да увезе билатерални спорови, затоа сите заинтересирани партнери од Западен Балкан мора итно да ги решат таквите спорови“.