Професорот Јове Кекеновски објаснува дека ЕУ се обидува да постигне поголема автономија во сферата на одбраната и безбедноста, со цел да ја зголеми својата независност и да го зајакне своето влијание на глобалната сцена.
Ова според Кекеновски се гледа во стратегијата на ЕУ за „стратешка автономија“.
,,Во последните години, Европската Унија (ЕУ) поминува низ сериозни институционални политичко-економски но и безбедносни предизвици. Од мигрантската криза, преку Брегзит, енергетската криза, конфузната надворешна политика (особено кон Русија и Кина) па се до заострување поточно заладување на економските односите со САД и односот кон војната во Украина, ЕУ се соочува со страв од можна геополитичка маргинализација. Оттаму и нејзината итна потреба да се рефакторизира и да ја промени досегашната водена геостратегија. Оваа реформа, или преобликување, се одвива во контекст на се поголемата растечка милитаризација на Унијата, што подразбира создавање и развој на сопствени одбранбено-безбедносни капацитети”, пишува Кекеновски во колумна за Плусинфо.
Преку иницијативи како PESCO (Permanent Structured Cooperation) и Европскиот одбранбен фонд, Унијата донесе одлука да вложува во заедничка воена мобилност, индустриски синџири и воено истражување. Тоа се обиди за излез од сенката на НАТО и САД. Од друга страна од класичната дипломатија, во последно време ЕУ користи фрази како „геополитичка Унија“, „одбранбена мобилност“, „проекција на моќ“ – кои во минатото беа типични за САД или Велика Британија. Ова е индикатор за обид за факторизација преку сила, а не вредности. Милитаризацијата на ЕУ е форма на компензација и стратегија на ЕУ да се репозиционира како фактор на глобалната сцена, особено по нејзиното дефакторизирање од страна на САД.
Но прашањето според Кекеновски е: Дали тоа е реална воена независност или само симболична конструкција за домашни и регионални цели? САД имаат геополитичка визија и глобален механизам за проекција на сила, додека ЕУ има визија, но без средства за реализација. И затоа сметам дека милитаризацијата на ЕУ е повеќе декларативна, отколку практична, освен доколку не дојде до клучна политичка интеграција на безбедносниот сектор (нешто што Франција го предлага, а Полска го поддржува – но Германија е воздржана). Второ, досегашното искуство на овој план покажа дека САД сè уште се арбитер во клучни безбедносни прашања, вклучително и во Европа, додека ЕУ главно реагира, не иницира.
,,Меѓутоа, процесот на милитаризација на Европската Унија не е без контроверзи. И покрај декларативните заложби за „стратешка автономија“, ваквата трансформација предизвикува сериозни прашања во однос на легитимитетот, функционалноста и политичката кохезија на Унијата. Контроверзите се особено изразени во следните аспекти:
Прво, се поставува прашањето за можноста од дуплирање на капацитетите со НАТО. Создавањето паралелни структури за одбрана и безбедност во рамките на ЕУ, без јасна координација со постојните механизми на Северноатлантската алијанса, отвора дилема за потенцијална институционална конфузија, распарчување на ресурси и стратешка неефикасност. Ова е особено изразено во контекст на различните перцепции за безбедносни закани меѓу земјите членки.
Второ, постои очигледна политичка неусогласеност во рамките на самата Унија. Иницијативите за безбедносна интеграција не се прифатени со еднаков ентузијазам од сите земји членки – Франција промовира посебна европска стратегија за одбрана, Полска поддржува зголемено присуство на американски сили, додека Германија останува воздржана и внимателна кон амбициозни воени проекти. Оваа разнородност го поткопува концептот на заедничка одбранбена политика.
Трето, се јавува ризик од редефинирање на европскиот идентитет. Унијата, која историски се позиционираше како проект на мир, помирување и норми, сè повеќе се оддалечува од оваа симболика во корист на реторика за „проекција на моќ“ и „одбранбена мобилност“. Овој премин од „нормативна моќ“ кон „тврд реализам“ може да го девалвира нејзиниот глобален морален капитал и да ја наруши довербата на граѓаните.
Четврто, процесот на милитаризација отвора прашања за транспарентност и демократска контрола. Развојот на Европскиот одбранбен фонд, инвестициите во воена индустрија и операционализацијата на PESCO се одвиваат со ограничено учество на Европскиот парламент и граѓанскиот сектор. Ова може да резултира со дефицит на легитимитет и отсуство на институционална одговорност”, пишува Кекеновски.
Целата колумна на Плусинфо.






